• среда, 25 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
15 август 2021 Свадбени обичаи од Мариово  Фаќање превезот на невестата Во Гостиражни и околните села, превезот на невестата и го фаќал нункото Во едната рака држел чаша со вино, а во другата сукало. На сукалото го виткал превезот. Кога ќе и се прогледало лицето, на три пати се напивал вино и на секое напивање е попрскувал од устата со вино. Собирањето на превезот со сукалото било адет за да биде невестата сита и да се вртел дарот околу неа (како што се вртела кората околу сукалото), а попрскувањето со вино – за да биде црвена како вино и кога ќе готвела да не и плачеле очите од чадот. Девојките и пееле: Откри нунче, крштениче Откри нунче, крштениче откри нунче, да видиме, ихиии, бело лице, да видиме каде лете ихиии летувало. Каде лете летувало, каде зиме ихии зимувало, каде зиме зимувало. Невестата го заранува зетот Откако се свршувале сите адети на трпезата, зетот и невестата ги враќале назад во земникот каде што требало да спијат. Зетот ја вадел рубата на невестата од вреќите. деверите, девериците, свекрвата и нунката ја разгледувале и определувале во која кошула која золва наредниот ден ќе се промени. На зетот и невестата вечера им носеле золвите. За вечера им носеле леб, манџа и мазник со шеќер или со мед. Со зетот и невестата вечерале деверите и девериците. Невестата ги бакнувала сите в лице. На зетот му кршела еден залак од лебот, го намакувала од манџата и го заранувала. Преслекување на невестата Свекрвата и нунката и го ваделе венецот од главата. Потоа и ги собллекувале сите алишта и и давале кошула за спиење, специјално приготвена за таа ноќ. Ако невестата немала своја кошула, свекрвата и ја давала својата. Перницата за спиење на невестата била полна со гаќите, чорапите и кошулата од зетот што ги соблекол кога се променувал. Нунката му велела на зетот да не ја фаќа прв пат невестата за снага, да не и ја топи снагата, туку да ја фати за кошула, а невестата зетот да го фати за капа. Откако ќе легнат зетот и невестата – девојката што го месела тестото ги покривала. Невестата потстанувала и му го подавала на зетот бардето со вода за да се напие, потоа јаболкото со кое што се миела, го делела на два дела и му давала на зетот да касне – за да ја сакал повеќе. Чување на трпезата Веселбата на трпезата траела цела ноќ. Гајдаџијата свирел, другите играле и пееле. Во Никодин и Големо Радобил свадбарите фаќале кокошки, петли и со нив, држејќи ги во рацете, играле. Кокошките и петлите како што играле на орото ги колеле без нож. Закланите кокошки ги пржеле и чекале вест од кај зетот. Преку ноќта три пати деверите се навратувале на вратата каде што спиеле зетот и невестата и им тропале за да не с успијат. На третиот пат ги прашувале преку вратат што сториле. Зетот ја отворал вратата и им кажувал каква е положбата. деверите се враќале на трпезата и ако невестата била чесна – му честитале на свекорот и почнувале со топлење блага ракија. Ракијата ја црвеле со печен шеќер. Свекрвата и нунката проверувале кај невестата. На зетот му давале пушка да пукне – знак дека невестата била чесна. Нунката, девериците и свекрвата ја земале кошулата во сито, ја завиткувале во црвена шамија и ја носеле на трпеза. Присутните фрлале пари во ситото за да бидат сити младите. невестата се миела и променувала во невестинските алишта и замесувала погача со шеќер. При печењето ја наредувала со шеќерчиња. Откако ќе ја испечеле погачата, свекрвата ја завиткувала во шамија и ја испраќала по деверот со еден пагур блага ракија, со вест до мајката на невестата дека ќерка и била чесна. Мајка и на невестата, пак, исто така на деверот, му го наполнувала пагурот со блага ракија – за сватот. Невестата и зетот оделе на трпеза да послужуваат со блага ракија. Се поклонувале прво пред свекорот, потоа пред нункото и старосватот и им турале по една чаша ракија, прво зетот, потоа невестата. Потоа станувале деверите и служеле со ракија. Водење на невестата Во постаро време невестата ја воделе на сува чешма без вода. Сите свадбари сосе невестата и зетот, со гајдаџијата оделе на гумното каде што вршеле. Тука ги наредувале котлите со вино. Невестата се поклонувала три пати на виното , потоа им гувеела на свекорот, нункото и старосватот. На гумното се пиело вино и се јадело сирење за мезе. Последното водење невеста на „сува вода“ во селото Вепрчани било забележано 1902 година. На невестата, кога ја воделе на вода и клавала в уста пара, за да ја носи до водата. Се поклонувала три пати пред водата и ја исплукувала парата во неа. Невестата леела вода, золвите и ја турале до три пати. Свадбарите стоеле и чекале. Во селото Бешишта свадбарите наседнувале околу чешмата. Невестата им гувеела прво на свекорот, потоа на нункото. По гувеењето, со крондирчето им потурала вода да се измијат раце. Потоа им подавала чаша блага ракија. На присутните жени им давала прстен и ги бакнувала в лице. На невестата и пееле: Невесто мори Митано, шчо кротко одиш на вода, дали ти тежат стомните дали ти тежат стомните дали ти тежат гривните? - Нити ми тежат стомните, нити ми тежат гривните туку ми тежи меракот. Меракот ми е Битола, во тие темни ѕандани, во тие тесни долапи. Со дробен синџир на гуша, со тесни белегзии на раце, тешки тумруци на нозе. Кога ќе ја доведеле невестата дома, со залеаната вода од крондирчето таа му потурала на зетот да се измие раце, додека девојките му турале пепел на рацете и не го оставале да се измие. Зетот пепелавите раце ги бришел од колковите на невестата. Тој се бришел, а невестата се подиставала. Невестата потоа го дарувала со бела крпа или волнени чорапи. Водењето на невестата на вода не било насекаде во понеделник. Во Гостиражни, Клепач и другите околни села ја воделе на вода во четврток и оделе само жените, без гајда. Во понеделникот оделе само золвите, променети во невестинска руба, лееле вода и се враќале, а тоа се правело – за да се види колку руба и каква руба имала невестата. Кога невестата е нечесна Деверите ка испрашувале да им признае кога, од кој и како станала нечесна. Ако невестата не признавала, применувале и физички мерки, се дотогаш додека не признела. Во тој случај зетот пушка не пукал, а невестата не се променувала во невестински алишта. Цел ден ја шетале со кошулата во која спиела, и тоа распашана. Ѓубрето што ќе го собереле од свадбата, го праќале по сводникот – да го однесе на татко и на невестата и да му ја соопшти веста. Наместо дента да ја водат на чешма да ги врши свадбените адети, невестата ја качувале на магаре, завртена со лицето кон опашката и и ја давале опашката од магарето да ја држи в раце. Ја шетале низ село, а потоа ја враќале кај татко и. (Последни такви случаи се забележани во село Слепче и Кокре). Ако невестата не ја врателе, тогаш на калесниците – кога се враќале назад – свекрвата им праќала дупена погача. Во отворот провирале главица праз и на калесниците им велеле: „Свату, ќе го поздравите сватот и сваќата. Еве им здраво-живо. Што ми пратија тоа и јас им праќам. – и им ја давала торбата со дупената погача. На првичето кога доаѓал таткото на невестата, му давале дупена чаша и во неа три пати му турале ракија и го терале со празна чаша да се чукнува и да благословува. Потоа му се заменувала чашата со здрава. Другите првичари пееле: Кало калко ти мила ќерко Кало Калко, ти мила ќерко, Кало, Калко ти дива свињо, Кало, Калко ти коњска муво. За плет да се држиш катран да просериш. Заврзување на зетот и невестата Имало такви случаи кога зетот не можел да си ја сврши работата – поради тоа што се женел многу мал, на 14-15 годишна возраст, а невестата била постара од него за 15 па и 20 години, или бил закржлавен или заболен од некоја болест, а може и од срам, што била честа појава. Така настанала песната: Ката си дворје метеше Ката си дворје метеше дробни си солзи ронеше, луто си мајка колнеше: - Пукнала, мале, треснала, зашто ме мале, омажи, за мален Рустин, малечок, малечок мале, невреден. Мајка си Ката миреше: - Ако е Рустин малечок, барем ќе бидеш богата, куќите му се сараи, дворови му се чаири, овците му се булуци, коњите му се ергеле, парите му се неброени. - Оган ги горел куќите, пусти му биле дворои, штури му биле парите, волкот ги изел коњите, кога е момче малечко малечко мале, невредно, кога си оно легнува легнува мале, заспива. Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“ од Милан Ристески, Скопје 1985 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан