• сабота, 23 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
1 декември 2020 Благослови од село Арвати Блосоења (благослови) Како и во секое село така и сред луѓето во селото Арвати покрај другото постојат и убави блосоења (благослови). Арен да бидиш и внуци да видиш. Аирлија да биде што работиш. Аир да имаш да си здрав и жив. Ако Господ сака се ќе биде. Алав да му е лебот. Алав да му е млекото од мајка му. Ашколсун (бравос-турски). Амин, за се да се радува. Бог да го прости, арен беше. Бог да го чува од лошо. Бог да речи да се излечи. Бог да речи пак да се врати. Бог нека биде со него. Биди здрав и жив. Бог да му дај се што сака. Блазе на тој што е добар. Век да векува. Весел да биди до века. Век да има, среќа да го служи. Господ да го благослови. Господ да му дајт милост. Господ да го почуе. Господ да му прости. Господ да му е на помош. Голем да порасти. Да му е со среќа работата. Да си дочека голема радост. Да си е здрав и жив. Итар ако си, никој не те коси. Јади, јади, само да ти се слади. Јунак да стани, од душман да се брани. Куќен да биди, домаќин да стани. Колку зборови, толку добрини. Лек да се најди, за да не зајди. Љубов да имаат, добрина да примат. Љубезен да биде, и каде да иде. Мерак да има за она што го прима. Нека се дојди, само добро да пројди. Од лошо да се чува, ветер да не го дува. Поштен ако биди, се ќе види. Радос да дочека, со среќа до века. Севда да си имат, лош човек да не примат. Тапанот нека чукни, душманот нека пукни. Ќори да прогледаат, видело да си видат. Убав збор речи, кој што срце лечи. Уста има ко мед, го знае цел свет. Хуман да е, секој да го знае. Чест да има и пријатели да прима. Човек со човек да си живеит до век. Џеповите полни, никој не те колни. Џабе работи, џабе не седи. Што мисли, Господ да му помогни. Шака кој знае, никогаш не се кае. Широк на душа и Господ го слуша. Според книгата „Арвати“ од Алексо Лозановски, Скопје 2001. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан