• недела, 24 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
17 август 2020 Преданија и легенди Предание за слонот Дека природата ваја исклучителни дела доказ е атрактивната карпа што има форма на слон, создадена од две природно споени карпи во археолошкиот комплекс Маркови Кули. Познатиот истражувач Роберт Рипли го претставил како мало чудо на природата. Камениот слон кој на некои им личел на штрк, е висок околу осум метри и поставен на карпест постамент во подножјето на кулите. Од слонот, Прилеп се гледа како на дланка. Публицистот Тренчо Димитриоски од Прилеп пренесува дека карпата во форма на глава на слон има специфични интервенции од човечка рака. -Тоа упатува на можноста дека жителите од древните населби Варош и Маркови Кули биле активно вклучени во духовниот и материјалниот живот врзан за слонот. Заедно со околните гробови во карпестите површини, може да се заклучи дека тој простор и слонот биле култно место за повеќе ритуали. На повисокиот дел од карпата се препознава издлабена камара во која се уште се видливи остатоци од фрескоживопис. За жал не може да се открие кој е светецот на фреската, бидејќи е сериозно оштетена. Запишувачот на настани кои се случиле во Прилеп, Блалгоја Алексоски пренесува приказна од стари варошани дека околината на слонот била чистилиште од злосторства и гревови. -Луѓе што имале направено лоши дела доаѓале до слонот, во камарите секогаш полни со вода, на миење раце и лице за да се исчистат. Најраширено е преданието дека слонот бил ослободување од јаловост. Штири жени (жени кои немале родено), се вртеле околу слонот со свеќи в раце во ноќите меѓу петок и сабота за да ги смилуваат вишите сили да им дадат челад. Овој обичај бил осуетен од црковните власти и бил прогласен за пагански. Исто така за оваа локација се раскажува и приказната од некој варошки бербер со прекар Богомилецот. Тој раскажувал дека околината на слонот била вртилиште на богомилите, бидејќи во Варош било развиено богомилството. Затоа населбата Варош потоа прераснала во христијански центар со 77 храмови. Богомилецот дури го споменувал и присуството на дедо Богомил на простори околу слонот. Приказната оди дотаму што зборува дека Ханибал ги донел слоновите во Прилеп на поклонение на камениот природен монумент како слон по освојувањето на Рим. Денес преданија што се раскажуваат за слонот низ народот нема. Околината на слонот од неодамна е уредена, направена е и училница – мал амфитеатар. Прилепчани го посетуваат ова место, доаѓаат на прошетки, а во пролет и лето местото се користи за организирање забави од страна на младите и за организирање културни манифестации: литературни читања, брзи сликања, проекции на филмови и слично, кои ги организираат општината, градската библиотека, невладини организации и други институции. Од книгата „Преданијата за Прилеп и Прилепско (со посебен осврт на преданијата од Марко Цепенков“ од Игор Тасевски Прилеп 2014 година. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан