• среда, 27 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
21 октомври 2020 Верувања и суеверија Народни верувања од Дебарско За човек што ќе почуди веруваат дека ќе се излекува ако го пратат во манастир да стои за време на службата пред олтарот. Честопати на младоженците, првата вечер им се случува да не можат да ги „познаат“ своите невести, па веруваат дека тоа е од магија. Но со гатање и со други начини се успева тие момчиња од таквите слабости да се излекуваат за неколку дена. Кога огништето има силен оган, кој пукоти, се верува дека од туѓина ќе дојдат дома пари. Навечер во зима целото семејство се реди околу огништето да се грее, кога ќе престане разговорот, жените и девојките ја земаат машата, вадат отстрана малку пепел кој го сецкаат на бразди. Тоа се прави затоа што се верува кога човек на нешто се надева дека тоа ќе претскаже дали ќе се исполни. Со машата при секое изговарање „сака – неќе“ значи дека тоа ќе се исполни, ќе биде ли дека „неќе“, значи дека нема да се исполни. Тие веруваат дека од киче кое има повеќе очи – такви две шарки што личат на очи, се плаши вампирот, бидејќи такво куче може да го касне и од тоа каснување да загине. Кога ќе заколат петел или кокошка за ручек или за вечера, се зема градната коска и на неа и се гата што ќе биде во иднина. Ако градната коска е црвенкаста веруваат дека ќе има војна; ако пак на крајот има кесица со месо веруваат дека ќе се заработат доволно пари. Ако градната коска е сува веруваат дека ќе има глад. Кога девојката откако јадењето ќе се насипе, граба со лажицата или тоа го прави на тавата, веруваат дека ќе врне дожд кога ќе се мажи, или ако пак за време на свадбата врне дожд велат дека како девојка гребела на тенџерето или на тавата. Секој човек на небото има своја ѕвезда. Бидејќи на небото ѕвездите се двојствени: големи и мали, та и луѓето на земјата по положбата и по домаќинството се двојни: богати и сиромаси. За големите ѕвезди веруваат дека се ѕвезди на големите – богатите луѓе, а за малите ѕвезди, ѕвезди на малите – сиромашните луѓе. Ако пак некоја ѕвезда падне, веруваат дека тој чија ѕвезда паднала умрел. Кога дете по патосот или по земјата се влече, тогаш веруваат дека ќе има некој гостин за вечера. Кога некое куче ќе завива, веруваат дека нешто страшно во тој крај ќе се случи, ако пак тоа завивање е пред нечија куќа, веруваат дека некој од таа куќа ќе умре. Веруваат дека никако не треба да се споменува ѓаволот и врагот, а кога некој случајно ќе го спомене треба веднаш да се прекрсти, бидејќи со тоа го тера од себе. Кога жените одат во посета, па ако во таа куќа има мало дете, му се дава со прстот плунка, а тоа го прават за да не прими детето урок од таа жена што го видела или за да има добар сон. Некои пак кога ќе видат здраво дете на улица или в куќи за да не биде урочливо, три пати брзо ќе го плукнат машала. Ако ова не би го направиле веруваат дека таквото дете веднаш би се разболело, а ако урокот е тежок детето може и да умре. Кога мајката го повива детето во крошна, самата три пати го прекрстува, правејќи го тоа за детето подобро да спие, а да го одврати од него се она што е нечисто. Кога на човек или на жена на грлото му излезе гуша, која тие ја викаат желка, веруваат дека излегла од магија или од нечисти суштества, за него или неа да ја наказат и да изгледа како некакво страшило: затоа ја лечат со баење и разновидно врачање, а меѓутоа и со разни треви, коишто никаква корист не носат. Кога некој човек добро ќе се поправи, та изгледа потполно здрав, за да не би го урочиле, тој или таа што ќе го види плукнува три пати по малку на него та со тоа веруваат дека не може ни едно око да го урочи. Ако човек боледува од грозница што тие ја викаат треска, па отиде кај оџа или постар човек или жена, која во тие лекарства се разбира со помош на врачање – на едната рака на болниот му врзува бел конец, верувајќи дека од тоа врзување и од конецот треската потполно ќе се загуби. Кога на човечкото тело, каде било, ќе се забележи и фати коњска мува, веруваат дека тој човек од некој свој пријател ќе добие писмо. Кога човек, жена или дете после ручекот или вечерата почне да ика, веруваат дека тоа доаѓа од тоа што во исто време, кога тие икаат – некои пријатели ги споменуваат. Кога некој побара вода, па не му се даде да се напие или ако му се даде да пие, па пиејќи вода некој во шала го вознемирува, веруваат дека тоа е греота да се прави. Ако некоја жена е нероткиња, та затоа не може да забремени, веруваат дека причината за тоа е некаква магија, а пак за да ја уништи магијата оди кај некоја баба гатачка, бидејќи веруваат дека таа може да ја поништи магијата со триење и со разни тревки варени во вода. Кога двајца на патот или каде било разговараат, веруваат дека не чини меѓу нив некој да помине, затоа на тоа многу се внимава и никој тоа не го прави. Кога на некој десното или левото уво му свири тој го прашува оној што се наоѓа до него, кое уво му свири, па ако погоди, верува дека навистина нешто ќе се исполни. Ако на некој горниот капак на десното и левото око му игра т.е. рефлексивно (несвесно) се движи, веруваат дека нешто лошо ќе се исполни, му го препишуваат на движењето на двата горни капака. За време на божиќните и посебно на велигденските пости, старите жени и девојки постат по три дена; третиот ден околу пладне малку јадат, откако ќе се вратат од црквата. Таквото постење се вика тримери. Ако за време на постењето тример некоја се разболе или од глад умре, за неа веруваат дека е грешна. За тие што умираат за време на велигденските пости веруваат дека одат во рајот бидејќи се праведни. Ако на гости некој замени чевел, веруваат дека ќе го изневери жена му. Веруваат и многу внимаваат на тоа, никаква работа да не вршат кога месечината не е полна. Ако некоја зима имала повеќе топли денови од ладни, тогаш веруваат дека нешто ќе се случи што никогаш не било. Кога на некој или на некоја и се отпаше појасот или врвцата од чорапот веруваат дека некој ќе му ја лаже жената и обратно, дека нејзе некоја и го лажи мажот. Од книгата „Народни умотворби од Дебар и неговата околина“ од Михајло Велиќ, Скопје 2000. Од минатото на Струга Имиња на занаетчиски дуќани во Струга давани до 1920 година Старите стружани порано на занаетчиските дуќани им давале имиња загатливи и смешни, но коишто добро ја одразувале суштината на дуќанот. Јас имав среќа некои од нив да запишам од татко ми Никола. Ќе ги предадам во следниов преглед. Ајван-доктур: ветеринар. Волночешлање и Каделки: преработка на волна на дерак. Се вртело со раце. Горен-камен: варџија. Ѓон-мукафа: чевларски производи (под поимот „џон“ се подразбирало убаво изработени чевли за носење, а под „мукафа“ чевли за починати изработени од слаба кожа од кај мевот на животното). Ендезе: ткајачи на чоја и преработувачи. Златен плуг: орачи на земја со убави плугови, т.е. со јаки ѕевгари за длабоко орање. Златен чекан: ковачи, бравари. Кадро: фотографии. Касапница: месарница. Калајџии: изработка од бакар: тепсии, ѓумови, мангали. Крпење брз конец: лепење на разни предмети (ова име го користеле повеќе видови занаети). Крпач: поправка на разни занаетчиски изработки. Крпачот бил приучен мајстор. Кувет: кафеана за пијачка (вино, ракија). Лихвар: давање пари на заем со заложување (хипотека) имот (куќа, нива, стока и друго). Мајстор: добар познавач на работата, на занаетот. Ова име на фирма било реткост. Мешинар: преработка на кожа за потребите на населението и занаетчиите. Сврдел: самарџии и бочвари. Ст’мба: убава изработка (ова име го користеле разни занаети: молери, фасадери и др.). Стомнари: грнчари, калџии. Сто игли за м’гар-грош: терзии, забунџии, плетачки. Сто пратој: плетачи со праќе (леси, кошови, табли, кошници). Студено- благо; сладолед. Тргај некини: посредници, џамбази. Тишина: изработка од ламарина (печки, ќумци, корита и сл.) Точност: часовничари. Ф’ртомџија: јажар. Чуној: чунари, праваење чунови. Џамџија: стаклар. Шумалки: дрводелци, столари. Ваквите имиња на занаетчиските дуќани, според кажувањето на татко ми, било до 1920 година, кога старите биле заменети со посовремени имиња. Порано и во мое време, дуќанџиите имаа прекари, дури некои и непријатни. По прекарите се викаа и никој за тоа не се лутеше. Дури доста муштерии мислеа дека тоа им е крстено име. Еве некои од нив: Аримзаде, Ајгар, Атата, Бабалак, Бајчуле, Д’ткало, Кадро, Кривошија, Машала, Манџа, М’нгар, М’рсулко, Мишка, Муле, Пичлеме, Пичуш, Плута, Постол, Прцко, Стипца, Тралала, Тупан, Фушар, Чипан, Чукнат и др. Занаети и фамилии што се занимаваа со нив до 1945 година Автомеханичари: Аргир, Волинковци, Домазет, Исмаил, Ламче, Скепаровци, Узуновци, Чела, Чурковци. Анџии кои имале анови за луѓе и жива стока: гускаровци, Кленкој, Несторовци, Чобасовци и повеќе други.Анови држеа и некои турски фамилии. Аптекари: Турчинот Муртеза, Елена Кавај Бранко Бајатовиќ (1925), Боро Николовски (од 1938) и Дуновци. Бербери: Беко, Белковци, Битолко, Калајџиевци, Кочовци, Тортовци, Тутец. Бојаџии: Караџулевци, Пулејковци. Бурекчии: Беловци, Буриловци, Симаковци. Варџии: Матовци и селото Вишни. Велосипедџии: Матовци, Кочовци (продавање, давање под кирија на час или на ден и поправка). Ветеринари: Гелинчевци, Опетчевци. Влечари: Лазаровци, матовци (влачење волна, памук). Влечки: (терлаци, папучи): Ковачевци, Папуџиевци. Грнчари: Голабовци, Миладиновци, Хаџиевци. Забунџии: Жупановци, Кочовци, Љондровци, Матовци, Кумбаровци, Ничевци. Јорганџии: Каваевци, Ковачевци, Матовци. Казанџии: Грданој, Кукунешој, Мешкој. Кајачари: Белевци, Гаговци, Јовановци и Јоновци. Калајџии: Тортовци. Капари: Кочовци, Пинтовци, а за фесој: Корум, Папрадник. Карванџии: (со коњи и маски пренесување разна стока по поблиски и подалечни градови. Кога имале поголеми зафати, под кирија земале коњи од соседните села): Грдановци, Матовци, Ќатовци. Касапи: Билјановци, Кочовци, Матовци, Точкој. Кафтанџии: Кочовци, Матовци. Ковачи: Ковачевци и Копчовци патронимот го добиле по занимањето на нивните претци. Подоцна ковачкиот занает во Струга главно го работеа Египќаните (Еѓупците): Адемовци, Земовци и Синановци). Колари: Талевци (правење коли, колца за дрвени коли). Кувенџии: Деребановци, Ковачевци, Коркутовци, Крлевци, Кувеџиевци, Матовци. Лихвари: Гоџовци, Евровци, Ѓаргиќ, Матовци и др. Народна носија: (долги марами, ткаенини, народна женска носија од ленен конец): Жупановци, Кочовци, Кумбаровци, Лондра, матовци. Машинобравари: Гаговци, Доковци, Јановци, Ковачевци, Матовци, Точко, Џемал, Шиповци. Молери: Белковци, Мисовци, Ицко. Налбати: претежно беа турски фамилии. Тие изработуваа потковици и поткојуваа: волови, коњи, магариња, маски: Асан, Дудш, Ќазим. Орачи (со волови и коњи кои вршеа и превоз на разна стока по села и градови): Абче, Арап, Бунчевци, Грдановци, Корча, Лазаревци, папаз, Прцулковци, Чакаревци, Шате. Ортомџии (правење ортоми, јажиња, огламници за жива стока): Матовци.Откуп на кожи: Милевци. Плетење трска: Голабовци, Дукаровци, Кошарковци, Матлиевци, Миновци, Таневци, Тупенчевци, Чузевци. Плетење од волна: Коџомановци (со машини и рачно). Посредници (џамбази): Карамитревци, Тупанчевци и др. Праваење тетратки и прибор за ученици: Јонче Гоџо, Милан Топал. Превозници: Домазетовци, Дурацовци, Чурковци, Волиновци, Узуновци (првите со камиони и со такси), Ристо Шлеро, Лабровци; со запрежни коли: Абиче, Бунчеј, Грданој, Корча, Папас, Прцула, Чакареј, Шате. Преработка на волна: Матовци (веленца, јамболии и др.). Од книгата Записи за минатото на Струга, 2. од Јоне Кленко, Струга 2007 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан