• сабота, 23 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
10 октомври 2020 Традиции Опис на еснафите во Прилеп Напредокот на прилепските еснафи и нивното опаѓање Додека немаше кај нас машини за шиење и други, сите еснафи се множеа, напредуваа и цветеа. Целата чаршија во Прилеп прилегаше на една фабрика за народни умотворби, којашто вадеше разни мануфактури што ни беа потребни за целиот народ, за нашиот живот и се купуваше од другите наши соседни градови. Но кога се внесоа кај нас разни машини и кога почнаа германските стоки да ни се внесуваат, иако беа калпави, но нели поевтини, ни ги конкурираа нашите стоки и од ден на ден не упропастија и тукуречи сите еснафи се уништија, со исклучок на неколку. За спомен на прилепските еснафи на некои им ги запишав изработките (нивните рачни производи) со нивните имиња и изгледот нацртан, како и нивните алати (инструментите) со нивните имиња и нацртани. По прилепски говор. Терзиоскио еснаф Терзисќио еснаф ет со четири имиња: чоаџиски, абаџиски, аз’рџиски, ихчиски или кафтанџиски. Чоаџиите шијат алишта само од чоа, само за Турците. Во тоа време имаше чоа: карпус чоа, шкодранска чоа, кондон, терција. Од карпус чоа и шкодранска шиевме долами на Турците и потури, чапќени, а од лондоно и друзи му шиевме абдесл’ци, шалвари, минтани, казеќии и др. Чепќените, потурите, доламите, минтаните, казеќиите ’и везевме со срма. Гајтаните идеа од Калофер и од друзи градои. Ибришимо од Сер ни идеше, конци ни идеа од Трабозан и друзи од битолсќите Евреи. Мајсторо седи крснозе пред тезѓето и од другата страна на тезѓао седат калфите и шијат. Коа ќе зема мера мајсторо на некој чоек за да му крои алишта, мерата ќе му ја зема со черпијата: ќе му клаи черпијата на врато и ќе ’а пропушти наудолу до кај што сака чоеко да му биди долго алиштето. На крајо од черпијата има едно куршумче за да тежи надолу и ќе ја мери черпијата на еандезето колку е долго и широко алиштето и ќе бележи со тебеширо и ќе му удри черпијата да се бележи. Сопрво чоата што ќе се кроеше ќе ја напрскавме со вода и откоа ќе ја попиеше водата, ќе ја утелеисавме за да се собери колку што треба и после ќе се кроеше алиштето. И откоа ќе се сошиеше или навезеше (цвеќињата) и ќе се сошиеше гајтано, ќе се утелеисаше со големата утија. На утијата ќе му се клаи басаџако згора за да не му гори ногата од жешката утија, и така ќе се бастисаа гајтаните и цвеќињата, та после ќе се каплаисуа алиштето со астар. А пак тутаџако служи да се ваќа утијата и да се бриши од пепелта, а најпоеќе за да се ваќа малото утииче, чунќи целото се закопуаше во огно за да се стопли (чунќи во старо време немаше пампор-утија што да се топли однатре, као што има сега). Као што има целото алиште име, така имаат сите части на алиштето имиња: прво арката (плеќите, грбо), јуноите (полите), колтуците, ракаите, черќезите (на крајо на ракаите) и ојмите (кај што се запетлуаат ракаите). На потурите печал’к се викаат ногајците, озгора дури удолу, а на долнио крај се викаат тозлуци, по наше пратеници; стредината ѓотлуко и др. Као во терзисќио занаат што му се имињата на алиштата и на алатите се поеќе на турсќи, така и во поеќето занаати сет имињата се поеќе на турсќи, као што ќе видите од описаните понатамо. До колтавтата – штица за во ракаите се пикнуа за полесно да се утелеиса. Дуќаните на чоаџиите сет со широќи рафтои, кај што му стои готоата стока и поставите од чоа. На потурите клаавме учкури од ѓезија. Ѓезијата ни идеше од Сер. Срмените гајтани што ’и шиевме на чепќените и на тозлуците од потурите ни идеа од Беч. Чоените алишта се праеја поеќе аз’р готои, ошто нарачани. Поеќе се продава на вересија, ошто со пари нарака; ваде се клааше со Крстоен, до гумно и по гумно. Ретко имаше Турчин да не плати: или пари ќе даеше или жито на гумно. Арно ама, од ден на ден Турците поиспаднаа и не можеа да купуаат чоени алишта; и ако купеше некој – не ’и плаќаше, и заватија да не ’и веруаат и да не му даваат на вересија. И му се свртеа на шајачните да носат, чунќи сет поевтини, а пак најпосле ватија да носат беневрези (танок шајак ткаен со инт и волна). За многу евтина цена, наместо чепќин, носат фермеле со волнени букмиња. Сега поеќето Турци сет облечени со алишта што да чинат до сто гроша, коа напред беа облечени по илјада грошеи и више. Ретко има Турци облечени као напред – се во чоа и во срма. Сега позаможните и поучените што сет во конако сет облечени се во вренцќи алишта, од казмир и шајаци.. Френцки Терзија (Кројач) Околу шеесе години има коа се облекоа трима ерѓени во Прилеп во вренцќи бели пантолони и црни сетриња. Тие беа Коне Кусев, Панду Коста Ника Влав и Ѓорче Томов (или Вердупча). На прв ден Велигден дојдоа на оро (на собор) и коа ’и видоа децата, страшен повик викаа по нив. И на сите викотници и шеѓи што се шегуааа, тие си ’и носеа алиштата. И полека-лека во тоа време ватија големците, бегоите и забитите да носат вренцќи алишта. Првиот вренк-терзија беше мајстор ми Тимион чоаџијата, а пак ја бев првио калфа при него што ’и шиев вренцќите алишта. И по неколку време никнаа кој од Битола, кој од Крушоо и сега имаше неколку дуќани наши прилепчани. Вренцќите алишта што се праат, поеќето се праат од шајаци домародни и помалце од казмири. Се носат: пантолони, елек (џелетка), палто, сетре, капут, џаќет, пердису, минцикоф и друзи. Со белеѓијата бележуа со сапунче за да сечи рамно. Со триаг’лнико бележуа кај што сака да е накривено. Со метрото мери. На камбуро утелисуа плеќите, на големата перница утелисуа полите. Со малото перниче утелисуа рамото од ракаите. Големата перница и малата е полна со парчиња. Забелешка. Во старо време некој терзија го видел ѓаоло на сон со еден бајрак в рака и на бајрако има безброј парчиња што крадел од муштериите коа му кроел. - ’И глеаш овие парчиња на бајрако што сум ’и изврзал? – му рекол ѓаоло на терзијата. – Сите на тој век ќе ти ’и изваат пред тебе. Ами лели беше се уплашил терзијата и едно дошол на дуќан и му го кажал соно на калфите, и му рекол: - Отсеа вамо коа ќе кројам на некој муштерија и ако нешто украдам некое парче, вие ќе ми речите: „Бајрако, мајсторе!“ И јас ќе се сетам за да не крадам. Многу време оде и велејќи му калфите „бајрако!“, не крадеше. Дошла една свадба да му крои алишта и кроејќи еден в’стан од бечка кутнија, украл колку едно ендезе од кутнијата, при се што му кажуале за бајрако. Откоа си ошол муштеријата, му рекле калфите: - Е оти, бре мајсторе, го украде парчето кутнија? - Е уште од кутнија немаше на бајрако, бре калфи, да кај што има од се - нека има барем и од кутнија. Рака што е учена да кради и да ја пресечиш – па ќе кради. Од записите на Марко К. Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан