• сабота, 23 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
15 декември 2020  Народна филозофија Народни пословици и поговорки Чужината е бел образ. (Охрид) – Човекот откако ќе отиде на туѓина ќе спечали пари со кои може да си ги расчисти сметките и да биде почитуван кога ќе ги исплати долговите и ќе си обезбеди добар живот. Чужџиот мазник потучен е. (Охрид, Прилеп) - На туѓото нешто секогаш му завидуваме дека е подобро. Чужџо беше Лазаре, си го зедоа. (Охрид) Чужо биче(то било, а) наше телче(то е). (Охрид) Чужото вино послатко е. (Охрид) Чужото (нешчо) не топлит. (Охрид) - Туѓото нешто секогаш си е туѓо, од него не чекај никаква корист. Чукам бурило Јоане.(Охрид) Шарениот вол многу лој имат. (Охрид) У Шарка многу лој (имат, а) кога го заклаа ни драм не најдоа. (Охрид) – Некој човек го кажувале за многу богат, а тој се криел, но подоцна се видело дека бил од најсиромасите. Шарен, писан Велигден, за Божји гроп у мој џоп. (Прилеп) – Калуѓерите просејќи се прикажуваат за големи приврзаници на религијата со цел да ги експлоатираат простите луѓе за своја корист. Шатката си нашла блатото. (Тиквеш) – Си го нашла заслуженото место. Или си нашол соодветен на него. Шетлиќи петлиќи кукли Костадинови. (Прилеп). Празни извинувања, еднакви на „Бабини деветини“. Шума волна, дупка полна. (Прилеп) – Со што и да е само да ја наполни устата, да се најаде. Шурбан погача не јајт. (Охрид) Шушулешќи (да би) ти влегле в ушите. (Охрид) – Да би оглувел! Клетва со која ги колнат оние што не дослушуваат од невнимание. Шчо влегло в лелејка ќе влезит и в носило. (Охрид) – Секој што се родил и ќе умре. Шчо вреснало, не треснало. (Охрид) – Колку деца што и се родиле на една мајка ниту едно не умрело, сите и се живи. Се употребува кога и завидуваат и заблазнуваат на некоја мајка што има многу деца и на која децата и траат. (Тој) Шчо го нејчиш на п’тот (да го сретиш), ќе ти седнит на к’тот. (Охрид) – Оној што најповеќе го мразиш и не сакаш да го видиш ќе ти стане најблизок роднина макар и против твојата желба. Шчо да горат две племни, нека изгорит една (само). (Охрид) – Подобро е наместо да страдаат две семејства од лошотиите на две лица разделени во две куќи, да страда само едно кога тие две лица ќе се соберат да живеат во една куќа заедно. Се употребува кога ќе се случи двајцата членови на едно семејство – мажот и жената да бидат еднакво лоши. Шчо и да бараш траѓите (на коњо, по арно) број му и ребрата. (Костурско) – Наместо да го пуштиш коњот да пасе слободно па да се здебелее од пасењето, а после кога ќе заскита некаде да трчаш по него и да го бараш и да не можеш да го најдеш, подобро би било да го држиш врзан па макар и толку да ослабее од глад што да му се бројат и коските. Шчо дошло добре дошло. (Охрид) – Тоа што ни е дадено како дар да го примиме со благодарност, а не да се откажуваме од него какво и да е мало или големо добро или не толку. Шчо је Господ не је никој. (Охрид) – Самоутеха во случај на некоја несреќа. Шчо знајт Бој и сфет(от) нека го знајт). Охрид. – На сите нека им е јасно нема веќе да го кријам она што се случило и кое Бог го знае, а подоцна ќе го разберат и луѓето; уште од сега нека го разберат. Шчо ќе биде в есен, нека биде вечер. (Охрид, Прилеп) - Она што ќе се случи подоцна нека се случи побргу. Шчо ќе дајш, тоа (и) ќе земиш. (Охрид) – Она што е скапо купено си ја заслужува цената, а ефтиното не си ја заслужува и таа цена. Шчо ќе ти праат ноѕете, кога не ти чинит глаата? (Прилеп) – Каква полза ќе имаш од убавото тело ако немаш ум во главата Или што можат да направат работниците ако управителот не им е способен. Шчо мачка страло, тоа глусци лоало. (Охрид) - Какви што биле родителите и какви што родиле деца такви ќе си бидат и тие. Шчо не покрил Господ, (тоа и јас не можам да покријам). (Охрид) Шчо не се прчило, (тоа) и не се козит. (Охрид) – Она што не се планирало и не се работело, нема ни да стане. Или, тоа што не станало досега нема ни да стане и отсега. Шчо нешчо е најлошо на векоф: (Охрид) – Три нешча: ог’н, вода и лоша жена. Шчо праит десната ти р’ка, левата да не узнајт. (Охрид) – Земена од Св. Писмо и значи: милостината што ја даваме и добрите дела што ги правиме да останат во тајност, а не да ги правиме со цел да се прославиме за доброчинители и да бараме признание. (от) Шчо пукнала пченицата? – Од запареното просо. (Костурско) – Шчо се шеташ како сваќа без дарои? (Прилеп) - Си залутал како избезумен и очаен. Шчо си посеал тоа ќе ти никнит. (Охрид) - Каква работа шчо си работел такви плодови и ќе добиеш; како шчо си им направил на другите, добро или зло, такво и ќе ти се врати. Шчо си сторил тоа ќе најдиш. (Охрид) Шчо ти баба баит, сфе да ми те наит. (Охрид, Прилеп) – Како што те благословуваат така и да ти се случи. Шчо ти мислит сфојт (чоек), Бог да не дајт да бидит. (Охрид). Или: Шчо ти мислит душманот, (тоа) да дајт Бог да бидит. (Охрид) – Својот чоек и најблискиот роднина кој те сака се се плаши да не ти се случи некое зло па и се на тоа мисли. Затоа да не даде Бог тоа да се случи. А туѓиот човек, непријателот, како што ти завидува се мисли дека уште нешто добро ќе ти се случи. Затоа она што ти мисли непријателот да ти се случи, да те снајде. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан