• сабота, 23 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
29 август 2021 Неракотворна икона Христова  Црковното предание за прва икона во Христијанската црква ја смета Неракотворната икона или Неракотворниот лик на Господ Исус Христос. Неракотворна икона значи икона што не е направена со човечка рака. Еве како таа настанала. Во почетокот на нашата ера, односно во времето на Господ Исус Христос во градот Едеса на Еуфрат живеел царот Авгар. Тој се разболел, така што не можеле да го излекуваат сите царски лекари. Тогаш тој слушнал да чудата што ги правел Исус, за воскреснувањето мртви, за лекувањето болни, за истерувањето демони итн. Посакал Исус да дојде кај него и да го лекува. Затоа му испратил писмо по својот слуга Ананиј кој бил и сликар. Во случај Исус да не може да дојде слугата имал задача да го наслика неговиот лик и да му ја донесе сликата. Исус го добил писмото но поради своите обврски не можел да појде во Едеса. Од друга страна, сликарот Ананиј никако не можел да го наслика Божествениот лик на Исус Христос. Исус, пак, знаејќи за тоа го измил лицето со вода и побарал крпа за да го избрише. Кога го избришал лицето на крпата останал насликан неговиот лик. Таа крпа му ја дал на Ананиј да му ја однесе на царот Авгар. Кога Авгар ја добил крпата го целивал ликот на Исус и веднаш оздравел. Царот Авгар ја ставил крпата со ликот на Исус на градската капија, за да знаат сите дека царот верува во божественоста на Исус Христос. Притоа наредил сите што тука минуваат да се поклонат на ликот на Исус Христос. Во 944 година императорот Константин Багренороден (Порфирогенит) ја купил крпата со ликот на Исус, ја пренесол во Цариград и ја поставил во црквата „Света Софија“. Тоа пренесување се празнува на 29/16 август. Свети Јоаким Осоговски – Сарандапорски Светец со силен култ во Североисточна Македонија Житието на свети Јоаким Осоговски сведочи дека тој се угледал на Игнатиј Богоносец „упатувајќи се како ѕвезда многусветла од запад кон исток, дојде во областите на планините Осоговски“. Значи, пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската река, каде што останал до крајот на животот. Житието на овој светец сведочи дека педесет години по неговата смрт на местото каде што почивале неговите мошти бил ставен камен темелник на манастир што го носел неговото име. Свети Јоаким Осоговски живеел во втората половина на XI век а умрел најдоцна во почетокот на XII век. Бил наречен Сарандапорски поради местото каде што живеел. Бил многу почитуван за што сведочи и неговата служба датирана во XIII век. Манастирскиот комплекс на Јоаким Осоговски бил основно светилиште на неговиот култ независно од црковните и политичките услови низ кои минел осоговскиот крај. Свети Јоаким Осоговски и настанувањето на манастирот Биле си Свети Јоаким Осоговски и Свети Јован Рилски у Бугарија што је и Свети Отец Прохор Пчињски и Свети Гаврил Лесновски у Кратово. Тие биле како браќа ли, побратими ли, и заедно се испустувале у грдечката испосница. Ко дошло време да се посветуваат, фатиле четворицата на четири страни. Опростиле се понапред и фатиле на четири страни. Свети Отец отишу у Пчиња, Свети Гаврил у Кратово, там Лесново, а Свети Јован отишу у Бугарија. Свети Јаким ишал многу места. Обишал чак по Тлминци. Куде ишал, куде се пипнал, траги оставил – камењата меки. Па у мрамор како појау, на камењата пред него стои каленицата, лажицата, стапчето, ногите како му стојат – се (сам ишла како дете, познава се). Тамо има мраморни камења, еден рид и мрамор много има и такој го викат Мраморни Камења. После пошал од там и низ друм ишал нагоре. Ишал куде место горе Пашина Воденица. Аресало му се местото куде Пашина Воденица и тамо да се посвети. Арно ама, и вук прошал туј и рекал: „Овде нека да биде манастир, овде пут ќе биде!“ Аресало му се туј местото, убаво и туј се посветил и после туј је умрел, туј му је и моштието. Арно ама, Турци викале дека све тој лажливо било, тоа не е истинско и они сакале Турците, да идат да пљачкат. Напаѓале го многу пати манастирот, ама не могале да успејат. Некој си Осман паша, станал, земел војска многу сас коњи, се наоружани и ќе идат сас сила да пљачкат. Е, претходно пљачкале некои други, па земале тија курните што у амам беше. Тија курни од тамо што крстиле деца, ги земале од тамо па туј ги донеле. Тија са од мермер како коритце ужлебано. Арно ама на светијата му дојадело што нападнале Турците много пати. И еднаш кога ишла до Крс тамо до тој почивалиштето на Свети Јаким и удрвиле се туј. Не могле ни нагоре, ни надоле. Ни мож да се врнат ни мож да одат нагоре. Светијата ги удрвил. Тога почнал тој Осман паша да се љути. – Свети Јакиме, пуштете не, ќе ти покриеме манастирот све сас црвена чоја! И тогај се молил по турски и све тој обеќал дека сас црвена чоја ќе покрие манастирот. Што ќе прави он, нели обеќал од захвалност, мора тој Осман паша да го порие манастирот. Земе и купи тој чоја, та го покрие манастирот. Од туј после више никој не го закачал манастирот, демек сите признаваат дека е тој светија, дека како историско место, како светија. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан