• недела, 24 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
5 октомври 2020 Верувања и суеверија од с. Вмбел, Костурско Магии и ослободување од нив Во далечното минато в’мблени, како и другите жители од соседните до подалечните села, биле опседнати од тоа што им се случува. За се што не можеле да најдат одговор, мислеле дека за работи за некоја магична или натприродна сила. Верувањето во моќта на магијата произлегувало од ниската образовна структура на населението се до крајот на 19 век. Подоцна моќта на магијата се засновувала на создадената традиција во ова празноверие. Но, подоцна, кога се зголемил степенот на писменоста меѓу жителите на нашето село, верувањето во силата на магијата се претврила во средство на заплашување на празноверните од една страна, а од друга страна таа била мотив за голем број шеги на оние што сакале слатко да се насмеат на туѓа сметка. Правење магии. Луѓето што правеле магии со цел да заплашат некого или да се пошегуваат, сакале да предизвикаат кај луѓето што повеќе дилеми во однос на одгатнувањето на нивното значење, како и за тоа кому му била наменета магијата. Во основа направената магија, требше да биде лесно воочлива, да асоцира на различни толкувања и да влива страв кај луѓето што ја откриваа. Магиите се правеа со видливи нишани, а имаше верување, дека тие можеа да бидат направени и за лице кое било отсутно од селото. Ако млада девојка не можела да се омажи, се мислело дека некој и направил магија. Ако некое дете почесто се разболувало се мислело дека е маѓапсано. Ако млада невеста не затруднувала, се мислело дека во селото имала некоја стара љубов, па сега и прави магии во знак на освета и така натаму. Едноставно се што ќе се случеше, а не беше пожелно и не можеше да му се најде причината, се сметаше дека е резултат на магијата. Во секое село па и во В’мбел сомнежот за тоа кој ги правел магиите паѓал на стари осамени жени. Тие не биле многу пожелни во друштво, наводно за да не ги откриваат тајните на поединци и да не можат на истите да им прават магии. Подоцна, особено после Илинденското востание по големиот број патила на луѓето малку попуштила побожноста и кај в’мблени, а и култот кон магијата знатно ослабнал, за да после Втората светска војна и сосема да исчезне. Во овој период, во В’мбел магијата станала шегобијна работа и можеше секој да ја практикува, како средство за шега. Со други зборови магијата го изгубила своето начење. Порано во периодот на верувањето и плашењето од магијата, некои многу сугестивни лица, живееја во стресна состојба, односно во страв дека се лошо што им се случува е резултат на магијата. И денес таквите лица се подложни на влијанието на разни „гледачки“ на среќа на секој вид биоенергетичари, претскажувачи со карти и така натаму. Лицата што правеа магија, по порачка ја правеа во близина на домот на лицето кому му била наменета таа. Ако магијата не беше нарачана, тогаш таа се поставуваше на места каде што имаше поголемо движење на луѓе, на крстопати, чешми, бунари и др. Најчести знаци на магијата беа црни крпчиња, во кои имаше врзан некој предмет, потоа оставање на предмети со необични форми на виливи места, разни цртежи на врати и земја, правење крстови од предмети и др. Видот на магијата се избираше според лицето на кое му беше наменета. Тој што ја правеше магијата, ги познавал интелектуалните способности на лицето, како и неговата психофизичка состојба. Кога ќе се случеше да се види магија или да се почувствува нејзиното „дејствување“ тогаш се бараше помош за нејзиното правилно толкување, начинот како да се отстрани истата од местото каде што била направена, како и начинот за ослободување на маѓепсаното лице од нејзиното дејство. Како толкувачи на магијата се јавуваа стари жени. Баба Рабушка, која шмркала бурмут (ситен тутун) од мало метално кутивче, ги толкувала магиите во селото и го упатувала лицето што да направи за да се ослободи од нејзиното дејство. Ослободување од дејството на магијата. Според упатствата на селските старци, а особено на баба Рабушка, најефикасен начин за ослободување од дејството на магијата било со врачвање (баење). Најпозната врачвалка (бајачка) на сите времиња била Ристовица, позната како Жагровичка. Таа ги примала магепсаните лица во попладневините часови, а ако не можеле да дојдат им одела во нивните домови. Жагровичка барала да донесат котле со вода. Ќе седнела покрај огништето, а „маѓепсаниот“ спроти неа. Со машата вадела зажарени јагленчиња од огнот и ги фрлала во котлето со вода, мрморејќи (шепотејќи) неразбирливи зборови. Врчвањето траело 5 до 10 минути. На крајот ќе станела ќе го удрела „маѓепсаниот“ по грб говорејќи: „Бегај оттука нишчо немаш, здрав си како дрен, да и се врни магијата на таа што ти ја направи“. Други селски врчвалки постапувале на следниов начин. Оделе во домот на магепсаниот и во сред одаја ќе клекнеле на колена, а пред нив седел магепсаниот. Ќе земела две лажици говорејќи неразбирливи зборови, и со двете раце ги фрлала лажиците преку рамо, позади. Потоа ќе се свртела да ја види положбата на лажиците по што заклучувала дали магијата е истерана или не. По ова, маѓепсаниот одел да наполни вода за пиење од чешма или бунар, но по пат да се однесувал како немтур (глувонем), односно да не зборува со никого до враќањето во домот. После ова патешествие лицето се ослободувало од дејството на магијата. Помалку употребуван начин бил тој: ноќе по полна и јасна месечина, се земала запалена гламја од огнот и да се фрли во водата во Долни Локви за ноќе децата од местото од кое се гледала месечината да ја измочале гламјата. Истите овие врачвалки „лечеа“ лица од разни заболувања со врачање или со некои од средствата на традиционалната медицина: чаеви, масажи со ракија, вендузи и друго. Честопати во селото гределе (доаѓале) курбатки (просјачки, кои не морале да бидат Ромки) и тие ги нуеделе своите услуги за баење и гледање во дланка. При големи разочарувања биле прифаќани нивните услуги. Меѓутоа в’мблени, најмногу им верувале на своите врачвалки. Понекојаш некои од јако сугестивните бајачки, а некои можеби и со поголема доза на биоенергија, успевале да постигнат извесни резултати, со што бил зголермен нивниот рејтинг и биле барани во повеќе села. Селските бајачки никогаш не ги наплатувале своите услуги. Во знак на благодарност луѓето ги дарувале со убави плетени чорапи, ризи за глава, маст, мед и друго. Од книгата „В’мбел“ од Сократ Пановски, Скопје 2002. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан