• среда, 13 ноември 2024

Meѓународен вински натпревар посветен на сортата „вранец“

Meѓународен вински натпревар посветен на сортата „вранец“

Велес, 5 декември 2023 (МИА) - Кај велешкото езеро „Младост“ од денеска до четврток се одржува Меѓународен вински натпревар посветен на сортата „вранец“, на кој учествуваат во најголем дел винопроизводители на оваа сорта од земјава и во помал број винопроизводители од Србија, Косово, Црна Гора и од Хрватска.

Домаќин на натпреварот е Асоцијацијата „Вина од Македонија“, а организатор е „Конкур Мундијал Депресион“ еден од најстарите вински натпревари во Европа, кој организира натпревари во цел свет. Во рамки на настанот денеска се одржа предавање за оваа позната винска сорта, и беа посетени винарии. Утре ќе започне натпреварот, односно оценување на стотина мостри вина од сортата „Вранец“, од страна на меѓународни вински судии, кои доаѓаат од 15 земји од светот.

Меѓу судиите ќе има и по еден претствник од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора. Од нашата земја тоа е винскиот експерт Елена Милошевска, интернационален вински судија на „Конкур Мундијал“, информира за МИА, Звонко Херцег претседател на Македонската асоцијација на сомелиери и иницијатор на овој настан.

-Целта на овие натпревари е да се направи оценување на производителите на сортата „вранец“ од страна на меѓународни вински експерти од 15 земји во светот и Балканот. Имаме околу стотина мостри на вина, на кои се врши „блајнд тестинг“ или темно оценување каде не се гледа која е етикетата и производителот, а  виното се оценува органолептички, сензорно, односно квалитетот на самото вино. Врз база на тоа на крајот на натпреварот се доделуваат поени, а на тоа адекватно и награди, појасни Херцег.

Тој додаде дека „Конкур Мундијал“ како организатор на овој натпревар ги објавува тие резултати. Со тоа, вели, овој натпревар добива меѓународен карактер и промоција во светот на винопроизводителите од земјава и од Балканот.

-Организаторот за производителите изготвува повратна информација во однос на квалитетот на нивното вино што го произвеле, за да тие  имаат некој репер, да знаат до каде се, и што им е позитивно и негативно во виното „вранец“, односно мострата која ја пратиле на оценување, појасни Херцог.

Инаку, денеска програмата ја започна Керлајн Кјуби од Лондон, која има врвна титула за познавање на вината. Таа одржа мастер курс- предавање, односно претставување на „вранецот“ како сорта, а потоа и на стиловите на сортата „вранец“ од Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска и од Република Северна Македонија.

Потоа учесниците и гостите беа во посета на винаријата „Шато Сопот“ во близина на велешко езеро „Младост“, каде имаа презентација на вина. Тие ќе ја посетат и винаријата „Бовин“.

-Со овие натпревари воедно на меѓународните вински судии им се презентираат македонските винопроизводители, нашите лозја, потенцијал, капацитет, квалитет. Така што овој настан не е само оценување на вина туку и презнтација на Република Северна Македонија во светот како вински регион, како и можност за развој на винскиот туризам, потенцира Херцег.

Натпреварите ќе се одржат утре претпладне, по што учесниците и судиите предвидено е да посетат винарии. Програмата ќе заврши во четврток исто така со посета на винарии. ад/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан