• среда, 18 декември 2024

MAAE: Иран сака да ја зголеми стапката на производство на високо збогатен ураниум

MAAE: Иран сака да ја зголеми стапката на производство на високо збогатен ураниум

Виена, 6 декември 2024 (МИА) - Иран започна со полнење на нови центрифуги што ќе му овозможат „значително зголемување“ на стапката на производство на високо збогатен ураниум, се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кој денеска го добија на увид повеќе западни агенции.

Оваа промена на локацијата Фордо ќе резултира со „значително зголемување на стапката на производство на ураниум збогатен до 60 проценти“, стои во извештајот на МААЕ.

Агенцијата на ОН го повика Иран итно да обезбеди технички веродостојни уверувања дека постројката не се користи за производство на ураниум на повисоко ниво на збогатување од пријавеното.

Иран во ноември најави активирање на „нови напредни центрифуги“ како одговор на усвојувањето на критична резолуција во седиштето на МААЕ во Виена, која го осудува недостигот на соработка во врска со неговите нуклеарни активности.

Техеран го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергетски потреби, но негира дека има намера да произведе атомска бомба.

Во 2015 година, Иран постигна договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на својот нуклеарен програм, кој предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.

Сепак, во 2018 година, тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, еднострано ја повлече својата земја од договорот и воведе нови строги санкции против Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум до 60 проценти, додека за изработка на атомско оружје се потребни 90 проценти. ссм/

фото: архива

Остани поврзан