• вторник, 24 декември 2024

Вонредна состојба во калифорнискиот град Ранчо Палос Вердес поради лизгање на земјиштето

Вонредна состојба во калифорнискиот град Ранчо Палос Вердес поради лизгање на земјиштето

Лос Анџелес, 4 септември 2024 (МИА) - Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Гавин Њусом, прогласи вонредна состојба во јужниот град Ранчо Палос Вердес, каде лизгање на земјиштето им се закануваше на домовите, а снабдувањето со електрична енергија и гас беше прекинато во 245 станбени единици поради оштетени далноводи и цевки. 

Властите посочија дека лизгањето на земјиштето предизвикало истекување на цевките за вода и гас, а биле издадени предупредувања за евакуација за делот од градот, 40 километри јужно од Лос Анџелес, пренесува Еј-Би-Си Њуз.

Активиранотот свлечиште е дел од системот на поранешни свлечишта кои беа повторно активирани при изградбата на булеварот Креншо во 1956 година. Тоа е едно од најголемите активни свлечишта во САД.

Во изјавата, гувернерот наведе дека движењето на земјиштето „значително се забрза по силните бури од 2023 и 2024 година“.

Канцеларијата на гувернерот соопшти дека се координира со администрацијата на Ранчо Палос веќе една година за да се справи со лизгањето на земјиштето, вклучително и обезбедување техничка помош, поддршка на локалниот центар за помош, обезбедување федерален грант за ублажување за подземните води во областа и помагање на официјалните лица при првичната проценка на штетите. 

„Не можеме да предвидиме колку лизгањето ќе се забрза во наредните недели и месеци“, рече Лари Чунг, потпретседател на компанијата Едисон Јужна Калифорнија (СЦЕ), за време на состанокот во вторникот вечерта.

На жителите им беше препорачано да ја напуштат областа бидејќи СЦЕ најави дека многу домови ќе останат без струја на неодредено време. паг/

Фото: ЕПА



 

 

Остани поврзан