• среда, 18 декември 2024

Kонцентрација на медиумите, притисок врз новинарите: Брисел ги напаѓа злоупотребите

Kонцентрација на медиумите, притисок врз новинарите: Брисел ги напаѓа злоупотребите
16 септември 2022 Фигаро/БГНЕС Вознемирена од влошувањето на независноста на медиумите во Унгарија и Полска, Европската комисија (ЕК) одлучи да усвои закон за регулирање на спојувањата на медиумите и за заштита на новинарите од притисок. Регулативата предвидува гаранции за уредувачка независност од политичките влијанија или од економските моќници и барања за транспарентност на сопственоста на медиумите. „Законот за слобода на медиумите“, кој официјално е претставен од Комисијата, ќе и овозможи да покренува постапки пред европските судови во случај на непочитување. Правосудство, медиуми, корупција: Брисел ги доведува во прашање Полска и Унгарија Потпретседателката на Комисијата Вера Јоурова во повеќе наврати го изразуваше своето чувство на немоќ, укажувајќи на „ограничените“ опции на Брисел за маневрирање во медиумскиот сектор. Ова е особено точно во случајот со медиумскиот конгломерат кој го поддржа Виктор Орбан во Унгарија во 2018 година, на кој европските правила за конкуренција не можеа да се применат. Комисијата сега сака секоја земја да биде обврзана да ги проценува спојувањата на медиумите во однос на нивното влијание врз плурализмот и уредувачката независност врз основа на голем број критериуми. Европски одбор за медиумски услуги Новиот Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе вклучува претставници на националните регулаторни тела, ќе биде одговорен за изготвување мислења за таквите спојувања кои можат да влијаат на функционирањето на заедничкиот пазар. „Иако консолидацијата во медиумите може да биде добредојдена од гледна точка на одржливоста на бизнисот, таа исто така може да создаде проблеми за уредувачката независност“, рече комесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон во говорот на крајот на ноември 2021 година. Текстот ја штити доверливоста на изворите и забранува употреба на шпионски софтвер против новинари и членови на нивните семејства, иако можни се исклучоци во име на „националната безбедност“. Оваа одредба е одговор на неодамнешните скандали Пегазус и Предатор кои ги оцрнија полските, унгарските и грчките власти. Во јавните медиуми, назначувањето на менаџерите мора да се врши во „транспарентна“ и „недискриминаторска“ постапка, а финансирањето мора да биде „соодветно и стабилно“. Во 2021 година, поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша со месеци го суспендираше финансирањето на националната новинска агенција СТА, поради несогласување со нејзината уредничка политика, за што доби неколку предупредувања од Брисел. Транспарентност исто така е потребна и во државното рекламирање: органите на власта мора да ги објават потрошените суми и медиумите кои имаат корист од нив. Во последниот извештај за владеењето на правото во Европската унија, Комисијата изрази загриженост дека во Полска се фаворизираат провладините медиуми. Јавноста треба да има „лесен“ пристап и до имињата на сопствениците на медиумите. Медиумите мора да преземат мерки за да „гарантираат дека новинарите се слободни да донесуваат индивидуални уредувачки одлуки при извршувањето на нивните активности“. „Тешка битка“ Генералниот секретар на невладината организација Репортери без граници, Кристоф Делоар, ја опиша нацрт-регулативата како „голем чекор напред“ и ја поздрави „желбата да се гарантира интегритетот на информациите“. Меѓутоа, европските издавачи се противат на оваа иницијатива, за која велат дека е „закана“. Европската асоцијација на издавачи на списанија (EMMA) и Европската асоцијација на издавачи на весници (ENPA) велат дека ова ја нарушува „слободата за инвестирање и водење бизнис“. „Не гледаме причина за усогласување на законодавството за медиуми на европско ниво во смисла на построга контрола од страна на регулаторите за медиумите или, индиректно, од Комисијата“, изјави извршниот директор на организацијата Илиас Контеас за АФП. Законот ќе биде „тешка битка“, признава Вера Јоурова. „Некои земји-членки сакаат да можат да влијаат на медиумите, ќе кажат дека Комисијата сака да им ги одземе овластувањата. Некои сопственици на медиуми ја користат моменталната ситуација, и ќе кажат дека им се закануваме на нивниот бизнис“. са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан