Kовачевски: Само СДСМ може да го предводи обединувањето на граѓаните и на државата за заедничката идеја за европска иднина
- Тој рече дека кога ќе слушне заканувачки тонови тоа веднаш го потсетува на тоа што се случи пред дваестина години по планините околу нас. И затоа упати порака до албанската заедница. - Ова е и ваша земја, никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но, вие имате и одговорност. И ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Граѓаните нема да го дозволат тоа, никој здраворазумен нема да го дозволи тоа, потенцира Ковачевски. Тој му порача и на Мицковски внимателно по патот кој го фатиле, затоа што и тој има последици.
Велес, 22 април 2024 (МИА) - Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва од митингот во Велес порача дека во изминатиот мандат нивна главна цел била да го заштитат и подобрат стандардот на граѓаните и да ја подржат домашната економија.
-Обезбедивме редовни 2.6 милијарди евра антикризни мерки во девет пакети за граѓаните. Минималната плата ја зголемивме за 120 проценти, просечната за 80 проценти, пензиите пораснаа за 55 проценти. Обезбедивме 100 милиони евра поддршка за домашните компании за развој и за нови вработувања. Ја преполовивме невработеноста од 25 на 12 проценти .Сето тоа го правевме во услови на три најголеми светски кризи по Втората светска војна, потенцира Ковачевски.
Тој истакна дека нема повеќе да се толерираат луѓе за кои политиката е единствено шанса за злоупотреба и манипулации. Воедно најави дека во новата влада ќе има место само за политички партии и личности кои се водени од принципите на разум, посветеност, добра волја, многу работа, труд и скромност.
Ковачевски нагласи дека овие избори се клучни за нашата иднина и се глас ЗА или ПРОТИВ нашата европска иднина.
Тој рече дека кога ќе слушне заканувачки тонови тоа веднаш го потсетува на тоа што се случи пред дваестина години по планините околу нас. И затоа упати порака до албанската заедница.
- Ова е и ваша земја, никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но, вие имате и одговорност. И ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Граѓаните нема да го дозволат тоа, никој здраворазумен нема да го дозволи тоа, потенцира Ковачевски.
Тој му порача и на Мицковски внимателно по патот кој го фатиле, затоа што и тој има последици.
-Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација, тоа е враќање назад, ние не сакаме враќање назад во 2001 година или којзнае каде. Нашето меѓунационално единство е се уште кревко и НЕ може да си дозволиме кој било да си игра со него, истакна лидерот на СДСМ.
Тој упати и порака до сите граѓани без разлика од каде доаѓаат.
-СДСМ осекогаш била партија која покажувала лидерство и одговорност и само СДСМ може да го предводи обединувањето на граѓаните и на државата за една заедничка идеја, зад идејата за европска иднина, само СДСМ ја има таа моќ и може да ги поведе сите луѓе без разлика на нивната припадност и само СДСМ го има клучот за подобра,безбедна и одговорна иднина за државата и граѓаните, порача Ковачевски.
Најави дека ќе стави крај на корупцијата и криминалот и дека секој функционер ќе мора да потврди од каде му е имотот, дали го заработил или ја злоупотребил својата позиција и дека државата мора да ја водат чесните, способните со искрени намери. А тие кои ја злоупотребиле функцијата ќе мора да се соочат со лицето на правдата, со цел за воведување на ред во државата.
Ковачевски најави и повеќе поволности за граѓаните меѓу кои и за пензионерите, а посебно за младите за кои првпат обезбедија бесплатен оброк, дека така ќе продолжат и понатаму и ќе обезбедат за сите дополнително и превоз и едуктивни екскурзии, за младите за да живеат како младите во европските земји.
-Во повелбата за европска Македонија јасно се наведени 41 мерка работени заедно со ЕУ со коишто ќе се направи комплетна реформа на правосудниот систем во државата. И само така ќе потврдиме дека се залагаме за европски вредности во наша Македонија, потенцира Ковачевски.
Тој потсети дека СДСМ и коалицијата се тие кои обезбедија членство во НАТО, СДСМ е таа кои ги води преговорите со ЕУ по 17 години чекање и СДСМ нема да се откаже додека Македонија не седне на 28-то столче во Брисел и дека тоа ќе биде пред 2030 година.
Пред велешани се обратија и носителите носителите на пратеничките листи на СДСМ во третата изборна единица Сања Лукаревска и Љупчо Николовски.
Лукаревска кажа дека СДСМ е со народот и не бега од одговорност, а целта е безбедна, побогати и посигурни граѓани и држава.
- Затоа важно е СДСМ и по овие избори да продолжи да ја води Македонија таму каде што ни е местото на сите, на цела држава-после НАТО, влез во Европската унија. Како Македонци со македонски јазик, по исправниот пат. Убедена сум дека и Велес, и на 24 април и на 8 мај, ќе го направи најдобриот избор, за Стево Пендаровски и Социјал демократскиот сојуз на Македонија, рече Лукаревска.
Николовски, пак, кажа дека го започнале, а во новиот маднат целосно ќе го завршат најголемиот водоснабдителен проект за изградба на четири системи за наводнување вреден 120 милиони евра за нови 13.500 хектари.
-Хидросистемот Лисиче е дел од досега најголемиот капитален водостопански проект, што оваа Влада го започна. Најголем и по површина и по буџет. Заедно со овој хидросистем Лисиче градиме четири нови системи за наводнување, опфаќајќи нови 13.500 хектари обработливо земјоделско земјиште, од Велес и Чашка, па преку Валандово и Неготино се до Гевгелија, инвестиција вредна 120 милиони евра, истакна Николовски.
Тој во своето обраќање додаде дека оваа, но и многуте други инвестиции во Велес и истокот, ја потврдуваат посветеноста македонскиот исток да се развива со забрзано темпо.
-Европската иднина значи повеќе за сите. Гарантираме повеќе извоз од увоз на храна, преку вкупна поддршка на земјоделството од 1,35 милијарди евра. Убавите македонски производи да бидат дел од големите европски пазари, рамо до рамо, еднакви со другит земји членки, истакна Николовски.ад/са/
Фото/видео: СДСМ