• среда, 25 декември 2024

Kацарска: Волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии

Kацарска: Волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии

Скопје, 15 март 2024 (МИА) – Шеесет години постоење на Уставен суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава. Согледувајќи ја уставно правнaта матрица, не може а да не се констатира дека волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии, рече Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд на Република Северна Македонија. 

На отворањето на денешната меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“ по повод одбележување 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија, Кацарска посочи дека нашата држава, минувајќи низ неколку уставни трансформации, бележи континуиран развој.

- Самиот факт што овој јубилеј е двојно подолг од нашата самостојност како држава упатува дека чуварите на Уставот, низ сите премрежја и комплекси, покажале детерминираност и наклон кон правните принципи и вредности, рече таа.

Според Кацарска, овој јубилеј дава можност да се погледне наназад, но е и обврска да се погледне во идните предизвици. Таа потенцираше дека е нужна потребата од проширување на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита.

- Во уставно правната теорија таа можност е дефинирана како уставна тужба или уставна жалба, во пракса, тоа би значело заштита за сите слободи и права на граѓаните, дополни таа.

Нивните заложби, како што рече, биле токму во насока на настојчива имплементација на уставната жалба, како личен инструмент кој го отвора патот за промена на суштествените атрибути на Уставниот суд.

Кацарска се обрати до носителите на највисоки државни функции да влијаат врз процесите на дополнувањето и зајакнувањето на Уставниот суд и ги охрабри граѓаните да бараат правна заштита од Уставниот суд, пред, како што рече, да се изложат на финансиски последици надвор од државата.

На отворањето на меѓународната конференција обраќање имаат и Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, Јован Митрески, претседател на Собранието, Талат Џафери, претседател на Владата, Кренар Лога, министер за правда,  амбасадор Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на САД, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија и Бен Нупнау, заменик-шеф на Мисијата на Делегацијата на ЕУ. ар/ац/

 

Остани поврзан