• среда, 25 декември 2024

Израел го повика светот да дејствува по исповедта на киднапираната Израелка за сексуално злоставување во Газа

Израел го повика светот да дејствува по исповедта на киднапираната Израелка за сексуално злоставување во Газа

Ерусалим, 27 март 2024 (МИА) - Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари го повика „светот да дејствува и да стори сé за да ги ослободи заложниците“ по исповедта на една Израелка за сексуалното злоставување што го претрпела додека 55 дена била заложник на Хамас во Газа.

Четириесетгодишната адвокатка Амит Сузана беше киднапирана од нејзиниот дом во Кибуц Кфар Аза на 7 октомври за време на напад на командоси на Хамас на југот на Израел.

Во опширното интервју за „Њујорк Тајмс“, таа е првата Израелка која јавно проговори за сексуалното злоставување што го претрпела во заробеништво и откри детали за сексуалното насилство и понижување по киднапирањето.

Интервјуто беше објавено денеска на насловните страници на израелските дневни весници, од кои некои му посветија неколку страници.

„Тоа е ужасно сведоштво, тоа е повик за будење, повик до светот да дејствува, да направи се што може за да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи нашите заложници“, изјави вчера портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари.

Израелскиот претседател Исак Херцог на платформата „Икс“ објави дека Амит Сузана „зборува во име на сите жртви на ужасните злосторства и сексуални напади на Хамас, во име на сите жени“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан