• четврток, 26 декември 2024

Finance Think: „Зад завесата: културните норми, родовите стереотипи и ставовите за работата ја обликуваат неактивноста на жените на пазарот на трудот во Северна Македонија”

Finance Think: „Зад завесата: културните норми, родовите стереотипи и ставовите за работата ја обликуваат неактивноста на жените на пазарот на трудот во Северна Македонија”

Скопје, 5 октомври 2024

Finance Think – Институтот за економски истражувања и политики, Скопје, ја публикуваше студијата „ Зад завесата: културните норми, родовите стереотипи и ставовите за работата ја обликуваат неактивноста на жените на пазарот на трудот во Северна Македонија“ (Линк), како дел од серијата анализи за јакнење на економскиот потенцијал на жените. Стапката на неактивност на жените на пазарот на труд е висока (57,2%), секоја втора работоспособна жена не е вработена и не бара работа. Ниското учество на жените на пазарот на труд е резултат на повеќе фактори: ограничена поддршка за детска грижа, недостапност на флексибилни работни аранжмани, културни бариери, и домашни обврски. Оваа ситуација води до неисполнет економски потенцијал, што негативно влијае врз економскиот раст и продуктивноста. Половина од неактивните жени на пазарот на труд се во категорија домаќинки. Вредноста на работата на домаќинките е проценета на 8% од бруто домашниот производ (БДП), додека вредноста на времето што жените го поминуваат во неплатена домаќинска работа и грижа се проценува на 25,3% од БДП.  

Целта на анализата е да ги идентификува причините за неактивноста на жените на пазарот на трудот во Северна Македонија, врз основа на анализата на културните норми, родовите стереотипи, и индивидуалните ставови кон работата, како и личните и семејните карактеристики на жените. 

Резултатите покажуваат дека жените во Северна Македонија имаат 8,8% до 22,3% поголема веројатност да бидат неактивни, со возраста, образованието и бракот како важни детерминанти.  

Идентификувавме 4 фактори кои придонесуваат за неактивноста на жените на пазарот на трудот:

1.                   Првиот фактор, се однесува на родовите стереотипи, дискриминацијата и културните норми за грижа за децата. Овој фактор покажува дека вкоренетите општествени перцепции за родовите улоги и дискриминацијата врз основа на пол играат клучна улога во ограничувањето на учеството на жените во работната сила.

2.                   Вториот фактор ги опфаќа ставовите кон работата и нормите за грижа за децата. Позитивните ставови кон работата ги мотивираат жените да се вработат, додека негативните ставови и традиционалните одговорности за грижата за децата ги одвраќаат од активност на пазарот на трудот.  Ставовите за работата се значајни кога бројот на деца на жената не надминува две, но ефектот на неактивноста е посилен кога жената нема деца. 

3.                   Третиот фактор ги опфаќа културните норми за грижата за децата, што покажува дека приоритетите поврзани со грижа силно влијаат врз учеството на жените на пазарот на трудот.

4.                   Четвртиот фактор се однесува на домашните обврски, кои традиционално се перципираат како женски задачи, што дополнително го ограничува нивното време и можности за вработување.

Сепак, зависно возраста, овие фактори влијаат различно. За жените на возраст од 18 до 34 години, само негативните ставови кон работата значително предвидуваат неактивност, што укажува на тоа дека кај младите, перцепциите за работата влијаат на нивната активност. За овие жени, родовите стереотипи и културните норми се помалку важни, што може да се смета за позитивна промена. Во групата од 35 до 49 години, негативните ставови продолжуваат да играат улога, но со поголем ефект  почнуваат да се чувствуваат родовите стереотипи. За жените на возраст од 50 до 64 години, ставовите кон работата и традиционалните културни норми значително влијаат на неактивноста.

Како овие фактори ќе влијаат  зависи и од образованието. За жените со основно или средно образование, родовите стереотипи играат важна улога, особено кај средовечните жени. Спротивно на тоа, за жените со високо образование, влијанието на овие културни фактори значително се намалува или исчезнува. 

Во анализата ги користиме податоците од Европското истражување на вредностите (ЕИВ) за Северна Македонија, кое обезбедува информации за социјалните и културните вредности на 1.117 лица постари од 18 години. 

 

Finance Think – Институтот за економски истражувања и политики

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан