• сабота, 23 ноември 2024

Обидот за воен удар во Боливија заврши со апсење на неговиот организатор

Обидот за воен удар во Боливија заврши со апсење на неговиот организатор

Сукре, 27 јуни 2024 (МИА) - Обидот за воен удар во Боливија заврши со апсење на неговиот организатор, генералот Хуан Хозе Зунига, а воените единици испратени од него против претседателската палата во главниот град Ла Паз се повлекоа од централниот плоштад Муриљо.

Претседателот на јужноамериканската земја, Луис Арсе, го осуди „обидот за државен удар“ и повика на меѓународна поддршка.

Синоќа воените единици, предводени од генералот Зунига, кој во меѓувреме беше сменет од функцијата командант на боливиската армија, се собраа на плоштадот Муриљо, каде се наоѓа резиденцијата на шефот на државата.

„Денес земјата се соочува со обид за државен удар. Денес, повторно, земјата се соочува со интереси кои се над демократијата. Боливискиот народ е повикан да дејствува денес. Ни имаме потреба Боливијците да се организираат и мобилизираат против државниот удар во служба на демократијата“, рече Арсе.

Неколку часа подоцна, војската се повлекла од плоштадот Мурило, а полицијата воспоставила целосна контрола над ситуацијата. Боливиските власти го уапсија Зунига и го одведоа на непозната локација.

Во тоа време, претседателот Арсе го назначи Хозе Вилсон Санчез за врховен командант на боливиската армија на местото на Зунига. Тој повика на смиреност и воспоставување ред.

САД рекоа дека внимателно ја следат ситуацијата и повикаа на смиреност и ненасилство.

Тензиите се зголемуваат во Боливија пред националните избори следната година, а левичарскиот поранешен претседател Ево Моралес ќе се кандидира против поранешниот сојузник Арсе.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја осуди боливиската војска која се обиде да го собори демократски избраниот претседател на земјата.

„Силно го осудувам обидот за соборување на демократски избраната влада на Боливија“, напиша Фон дер Лајен на Х.

„Европската унија стои зад демократиите. Ја изразуваме нашата силна поддршка за уставниот поредок и владеењето на правото во Боливија“, порача таа.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така се огласи на мрежата Х за да ја осуди акцијата на армијата.

„Силно го осудувам воениот бунт против боливискиот уставен поредок и демократски избраната влада на претседателот (Луис) Арсе“, напиша тој.

Шефот на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека „Европската унија го осудува секој обид за поткопување на уставниот поредок во Боливија и за соборување на демократски избраните влади и ја изразува својата солидарност со боливиската влада и народ“. паг/

 

Остани поврзан