• четврток, 26 декември 2024

Aктивни 13 726 ковид случаи во земјава, од 1500 новорегистрирани 13 отсто се реинфекции

Aктивни 13 726 ковид случаи во земјава, од 1500 новорегистрирани 13 отсто се реинфекции
Скопје, 6 февруари 2022 (МИА) – Бројот на активни случаи на КОВИД-19 во земјава изнесува 13 726 лица, од кои во последните 24 часа регистрирани се 1.500 нови лабораториски позитивни случаи, меѓу кои 13 проценти или 195 се реинфекции. Според информациите од Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден оздравени се 522 пациенти и пријавени се 16 починати лица, од кои три лица се целосно вакцинирани, а кај сите 16 лица се регистрирани коморбидитети. Досега во земјата се направени вкупно 1.814.187 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 277.137, бројот на оздравени пациенти е 254.862, а на починати е 8.549. Косово од вчера ги олесни анти-ковид мерките за влез во земјата и се врати претходната обврска за приложување доказ за примени две анти-ковид вакцини, додека влезот во земјата е дозволен и за лицата кои имаат примено една вакцини, со тоа што треба да приложат и негативен РТ-ПЦР тест. Со новите мерки, меѓу другото, се скратува полицискиот час, и наместо од 22 како досега, ќе биде од 24 до пет часот наутро. Исто така, се продолжува и работното време на угостителските објекти, наместо до 21.30, до 23 часот и се укинува обврската за носење заштитни маски на отворено. Литванија ја укина употребата на ковид сертификатите, иако земјата постојано има висока стапка на инфекција. Од вчера нема да мора да се покажува ковид потврда за влез во ресторани, продавници, театри, кина, музеи и слично, а укината е и обврската на вработените во одредени занимања, вклучително и здравствениот и образовниот сектор, редовно да се тестираат. Од мерките и натаму останува задолжителното носење маски, дистанцата и дезинфекцијата. Австријците постари од 18 години од вчера ќе мора да се вакцинираат против КОВИД-19 или ризикуваат висока парична казна – мерка без преседан во Европската унија. Новата мерка, усвоена од Парламентот на 20-ти јануари, беше потпишана вчера од претседателот Александар Ван дер Белен како кулминација на процесот што започна во ноември како резултат на брзото ширење на опцијата Омикрон. Владата одлучи да продолжи да го следи својот нов, построг пристап, и покрај критиките во земјата. Според податоците од федералните извештаи, вкупниот број Американци кои ги загубиле животите поради Ковид-19 од првиот случај на инфекција во почетокот на 2020 година до овој петок достигна најмалку 904.067, што е повеќе отколку што има жители државата Северна Дакота, пренесува Си-Ен-Ен. Така, САД бележат најголем број смртни случаи од коронавирус во светот, потоа следат Русија, Бразил и Индија, кои заедно имаат повеќе од 1,8 милиони смртни случаи. Меѓутоа, кога се гледа бројот на смртни случаи од коронавирус по глава на жител, САД се на 20-то место, далеку под Перу и Русија, кои имаат најголем број смртни случаи според тој критериум. Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус вчера изјави дека разговарал со кинескиот премиер Ли Кечијанг за потребата од зајакнување на соработката во одредувањето на потеклото на Ковид-19. -Мило ми е што се сретнав со премиерот Ли Кечијанг. Разговаравме за Ковид-19 и потребата од поголеми напори за да се направи вакцината подостапна, а пристапот кон имунизација поправеден за да можеме да вакцинираме 70 отсто од светското население оваа година, напиша Тедрос на Твитер. Минатата година, СЗО формираше Научна советодавна група со задача да го утврди потеклото на новите патогени и ја повика Кина да обезбеди необработени податоци за да помогне во истрагата, но Кина одби, повикувајќи се на правилата за приватност на пациентите. аа/вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан