• среда, 27 ноември 2024

Aгенда „Европа дома“ за примена на европски стандарди и вредности

Aгенда „Европа дома“ за примена на европски стандарди и вредности
Скопје, 9 март 2021 (МИА) –  Владата денеска усвои агенда „Европа дома“ во која што се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината  акција 21 со која, како што објави премиерот Зоране Заев,  е потврдена одлучноста да се имплементираат европските стандарди и вредности во секој сегмент на нашето општество. Станува збор за агенда на Владата и за другите институци како што се Собранието, правосудните органи, Државната изборна комисија, Држваната комисија за спречување на корупцијата, како и  други агенции и комисии кои во соработка со Владата  ќе ги завршат преостанатите активности за целосна европеизација на системот и на нивната работа според стандардите на ЕУ како  наши одредници. -Агенда дома е своевиден роковник со утврдени активности и нивни носители кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски  за да ги унапредиме институциите и системот. Преку тоа граѓаните  ќе добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото  во ЕУ и дека природно припаѓа во европското семејствонарод, рече Заев на заедничка прес-конференција во Владата со вицепремиерот за европски прашања  Никола Димитров. Акцентот на новиот владин документ е ставен на изборната реформа, правосудството, борбата против корупцијата и организирнаиот криминал, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и на реформата во јавната администрација. Го подготви вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со тимот на  Секретаријатот за европски прашања, а консултирани се невладини организации кои работат во областа на евроинтеграциите како и Делегацијата на ЕУ. Изготвен е врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамки на заедничките тела меѓу Северна Македонија  и ЕУ, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија. Низ реализација на овие европски реформи, треба да ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораката од групата високи експрети и од други меѓународни извештаи.

- Агендата Европа дома е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македноското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси на оваа агенда, очекуваме да донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. Нашата „Агенда Европа дома“ само се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел и безусловната порака за старт на преговорите од извештајот за 2020 година, порача Заев.

Според вицепремиерот  Димитров, целта на овој документ не е да ги замени веќе постоечките стратегии и акциски документи и програмата за работа на Владата. Напротив, истакна, тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби. Овој документ треба да овозможи мапирање на клучните чекори и нивно будно следење  заедно со притисок за исполнување на дадените обврски. Имајќи  ја предвид новата структура на методологијата за пристапување кон ЕУ, согласно групирањето на  поглавјата од европското аки, укажа Димитров, документот  се фокусира на кластерот Темели, којшто ја диктира и динамиката  на самите преговори. Реформите што се предвидени тука се приоритет: изборните реформи, правосудството, борбата против криминалот и корупцијата, основните човекови права и реформите во медиумската сфера, економското владеење и реформата на јавната администрација. -Не чека многу работа, но и јас, и СЕП и Владата, сме подготвени да ги впрегнеме институциите и да ги разбиеме митовите дека стартегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега  од вистинска работа. Целта ни е да обезбедиме фокус, следливост и отчетност во реформските чекори за да има видливи конкретни резултати, рече Димитров.

За секоја приоритетена област, појасни премиерот, се наведени прецизни цели и надлежни институции, како и рокови за нивна реализација.

– Оваа граѓанска Влада успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Тој напредок е признат од сите наши стратешки партнери. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна безусловна препорака од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори, нагласи Заев.  

За жал, посочи Заев, поради недавање на согласнот од една земја-членка за одобрување на рамката за преговори, првата меѓувладина конфернеција за официјално започнување на преговорите се уште се нема случено.  

– Долго сме во процесот и секако нема да запреме. Се соочуваме со предизвици, но нема да бидеме обесхрабрени. Продолжуваат политичките и дипломатски напори и обиди за отстранување на ветото од Бугарија. Кога сме посветени и сплотени резултатите ќе дојдат, рече Заев.  

За унапредување на капацитетите на институциите и Владата, нагласи Заев, во агендата се вклучени и активности за зајакнување на механизмот за управување и координација на пристапните преговори.  

- Со Собранието го подолжуваме консолидирањето на законската и институционална рамка за спроведување на изборниот процес согласно европските и меѓународни стандарди. Со правосудните институции тргнуваме во насока на целосна имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството. Првите чекори, што ги предвидува агендата, се донесување подзаконски акти за ефикасна примена на Законот за ЈО, зајакнување на човечкиет и финансиски ресурси на Советот на јавни обвинители, усвојување на редовната пракса за транспарентни и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители и транспаретна евиденција на постапките за нестручно и несовесно вршење на судската и јавнообвинителската функција, изјави Заев.  

Меѓу останатото, најави дека следува операционализација на националната платформа за интеропербилност за потребите на надлежните органи како и нова стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023.

Спроведувањето на агенда „Европа дома“ СЕП ќе го следи на неделна основа, а вицепремиерот Димитров ќе ја  информира Владата со пресек на секоја седница. Дополнително,  врз основа на податоците за спроведувањето ќе се подготвуваат  и до Владата ќе се доставуваат извештаи за спроведување на агендата, во мај, септември и  декември годинава. Ваквата динамика на следење ќе ја следи  динамиката на подготовката  на Извештајот на ЕК, а извештаите ќе се објавуваат на веб страните  на Владата и на СЕП. лв/аа/

Остани поврзан