• среда, 25 декември 2024

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Кочани, 11 мај 2024 (МИА) – Под мотото „Знаеме што сме, но не знаеме што можеме да бидеме“, од 20 до 26 мај во Кочани ќе се одржи 61. Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ).

На свеченото отворање ќе гостува Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ од Велес со претставата „Вечера за глупаци“. Покрај тоа, во конкуренција за наградите, на овогодишната фестивалска програма љубителите на театарската игра ќе може да ги проследат претставите на десетина домашни, но и драмски групи и ансамбли од Ниш, Крагуевац, Прокупље и Смедеревска Паланка од Република Србија.

-Во рамки на Фестивалот и годинава ќе бидат доделени вкупно осум награди: за најдобра женска епизодна улога, најдобра машка епизодна улога, најдобра женска главна улога, најдобра машка главна улога „Никола Димитров”, за најдобра режија „Борис Стојчев“, награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци, како и гран при „Васил Ќортошев“. Драмските, уметничките и етичките вредности на актерите и аматерските драмски проекти во целина ќе ги оценува тричлена жири комисија, се истакнува во пропозициите на Управниот одбор на ДАФ.

Во текот на шесте фестивалски денови, на сцената на Центарто за култура „Бели мугри“ ќе се изведуваат по три претстави дневно - во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.

Фестивалската програма ќе биде збогатена со придружни културни манифестации, а поддршка во нејзината реализација е добиена од Министерството за култура и од Општина Кочани. та/хс/

Фото: Официјален материјал на ДАФ

Остани поврзан