„Портрет магазин“: Тамара Котевска на средба со Ди Каприо и други холивудски sвезди
- Со целиот каст: Леонардо ди Каприо, Бенисио Дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити, Реџина Хал.
Лос Анџелес, 15 декември 2025 (МИА) - Тамара Котевска беше поканета на затворен ВИП-ручек и дискусија за филмот „Една битка по друга“ (One battle after another) со целиот каст: Леонардо ди Каприо, Бенисио Дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити, Реџина Хал.

Како член на американската Академијата за филмска наука и уметности и нејзин гласач, Тамара Котевска беше единствениот претставник на документарни филмови меѓу 30-тината избрани и поканети холивудски гласачи на ВИП ручекот и дискусија со холивудските актери од играниот филм на Пол Томас Андерсон којшто годинава е во трката за „Оскарите“ и има најмногу номинации за „Златен Глобус“. Настанот започна со дискусија на актерите кои „од прва рака“ ги раскажуваа своите приватни доживувања за време на снимањето. Тие од снимањето и соработката со генијот Пол Томас Андерсон споделија хумористични детали пред одбраната публика која се состоеше од познати глумци и режисери.

Тамара Котевска сподели дека лично поразговарала со Леонардо кој многу добро се сеќавал на „Медена Земја“ и на самата Тамара со која ја делеа сцената во центарот на првиот ред на фотографијата од номинираните во 2020 година.
Тој е силен поборник на документарци за екологија и природа, а оваа година како продуцент преку Фондацијата „Ди Каприо“ (Di Caprio Fondation) повторно има свој кандидат во трката за најблескавото филмско одличје, чијшто режисер е австриецот Ричард Ладкани, инаку заеднички пријател на Котевска и Ди Каприо.

Во секој случај, според наводите, „Приказната за Силјан“ на Котевска е многу подалеку во трката за оскарите од филмот на Ладкани, па можеби токму затоа самиот Ди Каприо во разговорот со Котевска пројавил желба да го гледа. Тој, се додава, бил „доста љубопитен за филмот и за неговиот молскавичен пробив“ со кампањата годинава.
- Да се градат односи и пријателства низ годините со холивудските ѕвезди кои ми биле најголемо влијание како дете да се посветам на филмската магија е како некаков чуден сон којшто од секогаш се чинел недостижен. Но кога си таму со нив во истата малечка просторијата, делиш оброк заедно и гледаш колку се тоа обични луѓе кои минуваат низ истите трауми, искушенија, несигурности и притисоци со секој нов филм како и сите ние останатите филмаџии на планетава, тоа е едно посебно чувство кое ги руши сите предрасуди и бариери дека нешто е невозможно да се достигне, изјави Котевска како доживување од настанот.

Меѓу другото, Котевска имаше можност да поразговара и со Бенисио Дел Торо и со Тијана Тејлор која како главниот бунтовник во филмот, исто така, пројавила огромна желба да го гледа документарецот на Котевска кој носи слични тематики на правда и бунт кон неправедниот систем. си/са/
Фото: Снежана Гиевска