• недела, 24 ноември 2024

30 години германско-македонска соработка: Посета на ГИЗ и КфВ проекти од областа на руралниот развој

30 години германско-македонска соработка: Посета на ГИЗ и КфВ проекти од областа на руралниот развој
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - По повод 30 години германско-македонска соработка, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Германската кредитна банка за развој и обнова (КфВ) и амбасадата на Сојузна Република Германија вчера организираа целодневен настан за новинари и медиумски работници на којшто беа презентирани дел од успешните реализирани проекти. Во рамки на настанот беа посетени и две локации, паркот со ветерници во Богданци и винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци. - Паркот со ветерници во Богданци претставува еден од најзначајните проекти кои КфВ ги има поддржано, а во сопственост на АД ЕСМ чија изградба е финализирана во 2014 година. Во тек е втората фаза од конструкцијата на овој ветерен парк со чија реализација ќе се исполни планираниот капацитет од 50 мегавати инсталирана моќност, информираше директорот на КфВ во Северна Македонија Мориц Реме. Во винарската визба на „Тиквеш“ се одржа кратка панел-дискусија за поддршката и развојот на руралните подрачја и за проектите поддржани од ГИЗ. За време на дискусијата се обрати и директорот на ГИЗ во Северна Македонија, Давид Оберхубер кој истакна дека во моментов Германија преку ГИЗ поддржува повеќе од 15 проекти во Северна Македонија и регионот кои се фокусирани на добро владеење и демократија, животна средина и климатски промени, и економски развој и вработување. Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн ги претстави германските организации кои веќе 30 години работат во државата и информираше за приоритетните области на дејствување кон кои тие се насочени. - Во Северна Македонија активностите на ГИЗ се насочени кон поддржување на државата на патот кон Европската Унија преку различни проекти и иновативни пристапи кои се во согласност со Агендата 2030 и целите за одржлив развој, истакна Холштајн. Во однос на развојната банка КФВ таа истакна дека најголемиот дел од портфолиото на КФВ е во секторите обновлива енергија и енергетска ефикасност, наводнување, општинска инфраструктура како и финансискиот сектор. Германската амбасадорка на крајот од дискусијата информираше дека на 17 септември ќе се одржи отворен настан во Градскиот парк во Скопје на којшто германски организации ќе ја претстават својата работа и проекти со цел да се одбележи 30 годишнината од германско-македонската соработка. ки/цр  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан