• сабота, 21 декември 2024

„Шарли Ебдо“ повторно ги објави карикатурите на Мухамед поради кои беше мета на џихадистите

„Шарли Ебдо“ повторно ги објави карикатурите на Мухамед поради кои беше мета на џихадистите
Париз, 1 септември 2020 (МИА) - „Шарли Ебдо“ повторно ги објавува карикатурите на Мухамед кои го направија мета на џихадистите. „Никогаш нема да легнеме. Никогаш нема да се предадеме“, објаснува директорот на сатиричниот неделник Рис, во пресрет на отворањето на судењето за терористичкиот напад врз редакцијата на весникот што се случи на 7 јануари 2015 година и во која загинаа 12 членови на редакцијата, јави дописникот на МИА. Овие дванаесет цртежи, првично објавени од данскиот дневен весник „Јиландс-Постен“ на 30 септември 2005 година, а потоа од „Шарли Ебдо“ во 2006 година, покажаа како пророкот носи бомба наместо турбан, или како лик вооружен со нож, придружуван од две жени прекриени во црно. Покрај овие дански карикатури, на насловната страница на следниот Шарли Ебдо, под наслов „Tout ça pour ça“ (Сето ова за ова), има и карикатура на пророкот потпишана од неговиот карикатурист Кабу, убиен во нападот на 7 јануари 2015 година. -Честопати од јануари 2015 година ни беше побарано да изработиме други карикатури на Мухамед. Ние секогаш одбивавме да го сториме тоа, не затоа што тоа е забрането, законот ни го дозволува тоа, туку затоа што имаше потреба од добра причина да се стори тоа, причина што има значење и што носи нешто во дебата“, објасни редакцијата, во напис објавен во истиот број. -Да се репродуцираат оваа недела, ден пред отворањето на судењето за нападите во јануари 2015 година, овие карикатури сега ни изгледаат од суштинско значење“, додава редакцијата на Шарли Ебдо. Утре во Франција започнува специјалното судење на соучесниците во атентатите од јануари 2015 во Франција, кое ќе трае четири месеци и во кое има 200 граѓански странки, 80 адвокати, од кои 40-тина за одбраната и 14 обвинети. Судот заседава со 5 професионални судии, два заменици и тројца записничари. тг/

Остани поврзан