• петок, 27 декември 2024

„Волкскрант“: Холандскиот премиер ги иритира европските колеги

„Волкскрант“: Холандскиот премиер ги иритира европските колеги
Брисел, 25 февруари 2020 (МИА) – Еден од најтиражните холандски весници „Волкскрант“ пишува дека холандскиот премиер Марк Руте се однесувал арогантно на последниот самит на ЕУ кон другите шефови на држави и влади. Холандија е една од четирите земји кои се против поголем буџет за Европската Унија, заедно со Данска, Австрија и Шведска, но холандскиот премиер имал посебно непријатен однос кон сите, вака дипломатите во Брисел ги брифирале холандските дописници. Канцеларката Ангела Меркел го нарекла однесувањето на Руте „инфантилно“, додека, пак, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, по средбата со холандскиот премиер и премиерите на трите „скромни“ земји извикал: каква арогантност! Руте одбил секаква билатерална средба со кој било, освен четирите „скромни“, односно земјите кои се против поголем буџет. Буџетскиот самит на ЕУ минатата недела заврши неуспешно поради нефлексибилноста на земјите кои одбиваат зголемување на буџетот, како Холандија. Според „Волкскрант“, францускиот претседател Емануел Макрон го нарекол однесувањето на Руте „шокантно“, но најиритиран бил шпанскиот премиер Педро Саншез, кој изјавил: „Дали е свесен дека застапувам повеќе граѓани од сите нивни четири земји заедно?“ Дипломатите пренесуваат дека очекувале макотрпни преговори и тврд став од страна на Холандија, но дека во овој случај Руте воопшто немал намера да дојде до компромис. - Ако не сакате да разговарате, тогаш одете си, изјавил дипломат од земја членка за „Волкскрант“. Европските дипломати преку медиумите ја предупредија Холандија дека „си игра со оган“, затоа што „има доволно теми во Брисел за кои на Холандија ќе и биде потребна поддршка“. тм/гт/

Остани поврзан