• четврток, 26 декември 2024

Џонсон: Нападите на 11 септември не успеаја да ги разделат нашите народи

Џонсон: Нападите на 11 септември не успеаја да ги разделат нашите народи
Лондон, 11 септември 2021 (МИА) - Нападите на Ал Каеда врз САД на 11 септември 2001 година не успеаја да ги поделат оние кои веруваат во слобода и демократија, рече британскиот премиер Борис Џoнсон во видео порака по повод 20 - годишнината од нападот. „Иако терористите наметнаа товар на тага и страдање, а заканата продолжува и денес, сега по 20 години можеме да кажеме дека не успеаја да ја разнишаат нашата верба во слободата и демократијата. Терористите не успеаја да ги разделат нашите народи, ниту да нe натераат да ги напуштиме нашите вредности или да живееме во вечен страв“, нагласи Џонсон во видеото. Видео пораката на Џонсон ќе биде прикажана на настан во Олимпискиот парк во Лондон, каде што има и спомен -скулптура направена од челик од урнатите кули на Светскиот трговски центар во Њујорк. Џонсон ја поврза годишнината од 11 септември и со неодамнешното враќање на талибанската власт во Авганистан по повлекувањето на американските, британските и другите сили на НАТО. „Неодамнешните настани во Авганистан само ја зајакнуваат нашата решеност да се сеќаваме на оние кои ни беа одземени, да ги негуваме преживеаните и оние што се уште тагуваат и да се држиме цврсто за нашата верба во слободата и демократијата, која секогаш ќе го надмине секој непријател“, рече Џонсон. Во терористичкиот напад на 11 септември 2021 година два авиона го уништија Светскиот трговски центар при што загинаа 2.753 луѓе, третиот се урна во Пентагон во Арлингтон, Вирџинија и четвртиот авион за кој се верува дека се упатил кон Капитол или Белата куќа се урна во Шенксвил, Пенсилванија. Меѓу загинатите имаше и 67 британски државјани. паг/  

Остани поврзан