• четврток, 26 декември 2024

Џонсон: Велика Британија е подготвена за Брегзит „без договор“,ако нема „фундаментални промени“ во пристапот на ЕУ (ДПЛ)

Џонсон: Велика Британија е подготвена за Брегзит „без договор“,ако нема „фундаментални промени“ во пристапот на ЕУ (ДПЛ)
Лондон, 16 октомври 2020 (МИА) - Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон денеска изјави дека ќе побара Брегзит без договор, доколку не дојде до фундаментална промена во пристапот од страна на Европската унија. - Освен ако не дојде до фундаментална промена во пристапот, ќе одиме на Австралиското решение и треба да го сториме тоа со голема самодоверба, рече Џонсон откако преговарачите не успеаја да постигнат договор пред 15 октомври, рокот кој самиот го постави. Џонсон рече дека Лондон треба да биде подготвен за 1 јануари 2021 година во случај да не се склучи договор со Унијата. Тој додаде дека Брисел не сака да дозволи договор како што е договорот ЕУ-Канада. Ако ЕУ се врати „со фундаментална промена во својата позиција“, тогаш Велика Британија ќе ја сослуша, нагласи британскиот премиер. Тој предупреди дека Брисел сака да ја контролира Велика Британија на начин кој е неприфатлив за земјата. Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон се соочува со тежок избор, коментира Си-Ен-Ен. Британската економија е речиси уништена од пандемијата, а по состанокот на лидерите на ЕУ, беше одлучено дека напредокот во преговорите за нов трговски договор не е доволен. И Џонсон мора да избере: да ги продолжи дискусиите по самонаметнатиот рок или да му сврти грб на Брисел. Двата патишта водат кон тешка 2021 година за Велика Британија, која се бори со последиците на коронавирусот и Брегзит. Ако Лондон не успее да постигне трговски договор со Европската унија, најголемиот трговски партнер на островот, болката за британската економија ќе биде ужасна, во споредба со сценариото во кое Лондон и Брисел се ракуваат. Таквата загуба ќе спречи да закрепне од пандемијата, коментираат светските медиуми. Оваа недела состаноците завршија без резултат. Самиот Џонсон рече дека договорот треба да биде готов до крајот на октомври за да им се даде на бизнисите доволно време да се подготват. Крајниот рок дојде и помина. Брисел вчера излезе со став дека сака да ги продолжи разговорите. Но, главниот преговарач на Велика Британија, Дејвид Фрост, напиша на Твитер дека е разочаран од европските политичари. Неизвесноста за иднината на Велика Британија тешко може да дојде во понепогоден момент. Се проценува дека британската економија годинава ќе се намали за 9,4 отсто - најголем пад од 1921 година. Брегзит без договор ќе го продолжи периодот на закрепнување. Според трговскиот договор, во 2021 година Велика Британија би пријавила раст од 4,6 отсто. Без него, зголемувањето на БДП ќе биде 1 процентен поен помалку - или над 25 милијарди долари. јт/

Тагови

Остани поврзан