• четврток, 26 декември 2024

Џони Деп бара 50 милиони долари отштета од поранешната сопруга Амбер Хард

Џони Деп бара 50 милиони долари отштета од поранешната сопруга Амбер Хард
Ричмонд, 13 април 2022 (МИА) - Адвокатскиот тим на американскиот глумец Џони Деп на увид ѝ го предаде на поротата материјалот од тужбата за клевета против Амбер Хард, со што почна новото поглавје од долготрајната правна пресметка меѓу двете холивудски ѕвезди, инаку поранешни сопружници. Воведниот говор во судницата во Вирџинија (САД) потврди дека Деп (58) ја тужи Хард (35) за клевета и бара отштета од 50 милиони долари. Деп притоа тврди дека Хард го наклеветила во нејзин напис во „Вашингтон пост“ од декември 2018 година, каде што таа тврди дека преживеала семејно малтретирање. Името на Џони Деп не е споменато во написот, но адвокатот на Деп, Бенџамин Чу, денеска пред поротниците изјави дека е јасно дека Хард пишува за него. Чу тврди дека Хард го објавила текстот непосредно пред почетокот на прикажувањата на филмот „Аквамен“ - нејзиниот најголем успех досега, со намера да си го зголеми публицитетот и во полза на нејзината кариера. - Одлучи да лаже против својот сопруг заради лична корист, и така Амбер Херд засекогаш го промени животот на г-н Деп и му го наруши угледот. Ќе слушнете од него какво страшно влијание имало тоа врз неговиот живот, рече Чу. Адвокатот на Хард, Елејн Бредхофт изјави дека за време на нивно патување во Австралија во 2015 година, Деп „ја влечел својата тогашна сопруга по под, ја удирал со тупаници и со нога“, а потоа извришил и „насилна пенетрација со шише пијалак“ во неа. Пред Врховниот суд во Лондон претходно, Хард сведошеше дека Деп, по консумирање дрога и алкохол, се претворал во „љубоморно чудовиште“ и оти ѝ се заканувал дека ќе ја убие. Таа опиша 14 случаи на екстремно насилство и, на крајот, глумецот го изгуби судскиот случај.  си/сд/

Остани поврзан