• недела, 10 ноември 2024

Џоломарите од Бегниште и Сопот беа дел од Меѓународниот карневал под маски во Перник

Џоломарите од Бегниште и Сопот беа дел од Меѓународниот карневал под маски во Перник

Кавадарци, 28 јануари 2024 (МИА) - Со кожувчиња, грпки и бради, исцрнети лица од саѓи, клопотарци и стапови, џоломарите од кавадаречките села Бегниште и Сопот, изминатите три дена беа дел од Меѓународниот карневал под маски во Перник, Бугарија.

Во изјава за МИА, вечерва тие информираа дека низ центарот на градот продефилирале неколку илјади учесници во повеќе групи.

- Секоја од нив ги носеше со себе и сопствените автентични традиционални игри и обичаи со маски. Учествувавме заедно со неколку други македонски  карневалски групи. Чест ни е и задоволство што и оваа година, бевме дел од оваа карневалска забава. Ја претставуваме традицијата за маскирање во нашиот крај. Ние всушност на симболичен начин го бркаме злото и правиме место за добрите нешта, изјави Орданчо Лазаров, раководител на групата џоломари од  Бегниште. 

Неколкумина мажи се маскираат со страшни маски, за добрината да го победи лошото. Во групата има и двајца мажи преправени во невеста и баба, кои ги симболизираат плодноста и младоста од една, но и мудроста од друга страна. 

Според организаторите на настанот, карневалските групи од различни страни на светот, доаѓаат во Перник за да ја почувствуваат магијата на играта и песната, да ги видат и допрат маските кои ја претставуваат историјата, традицијата и културата на одредено парче земја. свд/бак/


Фото : Група џоломари од Бегниште 

Остани поврзан