• четврток, 26 декември 2024

Џоломарите бркаат лоши духови и носат среќа во Тиквешко

Џоломарите бркаат лоши духови и носат среќа во Тиквешко
Кавадарци, 13 јануари 2022 (МИА) - Животна традиција претставува џоломарската игра што се практикува во кавадаречките села Ресава и Бегниште. За магијата и мистеријата на џоломарите, МИА поразговара со Томе Крстевски, виш кустос етнолог при Музеј галеријата во Кавадарци. Тој е автор на проспектот, „Џоломарската игра во селата Ресава и Бегниште”. Крстевски појаснува дека зборот џоломар го среќаваме само во етничкиот предел Тиквеш, само во селата Ресава и Бегниште. Од истражувањата и разговорите со мештаните за зборот џоломар, немаат никакво објаснување, така било и така останало. Но, потенцира, истовремено и етимологијата како наука не го познава зборот џоломар. - Од истражувањата за потеклото на името џоломар, но и обредот, ми беше укажано дека прадедото на Вангел Лазаров роден 1959 година, се преоблекувал, се маскирал  како џоломар во групата во Бегниште. Мојот колега од Музејот, Трајче Јанев, своевремено запишал дека постојат анегдоти за ривалството помеѓу две џоломарски групи од селата Бегниште и соседното село Кошани, поткрепено со кажување на постарите лица за немил настан кој бил во периодот од 1915-1920 година. Дошло до крвава пресметка меѓу двете групи, која завршила со трагичен крај со загинување на двајца од џоломарите од село Кошани, раскажа овој етнолог. Крстевски појасни дека ритуалните игри се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магиски дејства,  кои имале за цел да го избркаат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува, како во семејството така и на земјоделските површини, поточно лозовите насади. - Во целокупното организирање и изведување на обредот, односно во играта со маски учествуваат исклучиво машките членови на заедницата. Обредот започнува во еуфорична атмосфера, симболично означена со татнежот на ѕвонците на џоломарите, слободните движења и „мрсните“  песни. Џоломарскиот ритуал започнува со палење на огнот на сретсело, преку пеењето на „мрсни“ песни со кои се искажува симболиката на плодност во семејството и создавање среќа и бериќет во новата година, додаде тој. Палењето на огнот има големо значење за селаните и секогаш започнува со песната: Коледе, коледе, Василе Чуриле колку искри, толку пилци, колку зрна, толку товари, да ни се сили имањето, да ни се сили стоката, да ни се сили бериќетот. Крстевски информираше дека маските се изработени исклучиво од природни материјали, претежно од кожа на домашно или диво животно. Мустаќи и брада, ќулафка, панталони, волнени чорапи, опинци од кожа или гума. Џоломарите носат дрвени бастуни и ѕвонци клопотарци, дури и до дваесетина килограми. - Во овој контекст видно место завземаат патериците кои го симболизираат фалусот, а верувањето во неговата моќ на репродукција и плодност најдобро може да се види со непристојните движења за време на самиот ритуал. Истовремено и превентивна моќ во заштита на луѓето и животните од разни болести и паразити, ги сподели Крстевски, информациите до кои дошол, работејќи на оваа традиција. Тој се осврна и на црните лица на џоломарите. - Црнењето на лицето го вршат со саѓите од фурните или саѓите од сулинарите, а во поново време заради брзината на подготовка со боја за чевли. На грбот од ќулафката кај џоломарите - караконџули, ставаат вреќа полна со слама, со цел да изгледаат постари и пострашни, но истовремено и да ги ублажат  ударите со бастунот, фурката и кросното кога се изведува ритуалот, сподели Крстевски. Тој потсети дека во џоломарската група има џоломари, невеста во бело која ја симболизира новата година, баба во црно со вретено со конец за земање мерка на сите наоколу и ја претставува годината што изминала, магаричар или смешно облечен член на групата кој го води магарето, момче, магаре накитено смешно со суви чушки, врз од пченка, сад за собирање ракија или вино, дисаѓи за собирање на прехранбени продукти. -  Околу огнот се започнува да се игра „орото“, дел од ритуалот со каракеристичен тропот со ѕвонците-клопотарците со движење,  потскокнувања. Со потскокнување на џоломарите и создавање на тропот, се прави каракеристична бука и ритам на ритуалот. Огнот се подбуцнува за распламтување на огнот и симболика за иницирање на полов акт, а истовремено и пеење на мрсни песни, вели овој музејски работник. Крстевски раскажа дека се пеат и песни со содржина на искажување на бериќет, а од огнот, џоломарската игра се префрлува низ селото. Тој информираше дека џоломарите одат по дворовите на мештаните, со силниот тропот се верува дека ги бркаат злите духови од имотите на домаќините и за тоа добиваат подароци. Ритуалот на џоломарските групи продолжува во текот на денот при што доаѓа до израз театралноста, тривијалноста и блудот, се со една единствена цел, магија на плодност, имитативна магија за унапредување на вегетацијата и плодноста, дециден беше Крстевски, околу сознанијата до кои дошол за џоломарството во Ресава и Бегниште. - Во Етнолошката литература, но и духовната култура во Етничкиот предел Тиквеш, многу често се обработува темата „маски”, претставена е традицијата на еден предел која е дел од живеењето  на Македонецот. Обредот во селата Ресава и Бегниште има задржано многу од својата автентичност, исполнет е со архаични дејства, истовремено тука се и вербата во магијата да придонесе за благосостојба на луѓето којашто сеуште е изразена, сериозноста со која се изведува овој обред од страна на учесниците, но и фактот дека го чуствуваме духот на џоломарите, нагласи тој. Во зависност од учеството во ритуалот, секој учесник ја приспособувал маската во функција на својата улога. Со започнувањето на обредот, ноќта меѓу 13 и 14 јануари, на верскиот празник Василица, кој трае и целиот ден на 14 јануари, селската заедница започнува да живее еден поинаков живот од вообичаениот. - Само со непосредно присуство на овој обред може да се почуствува неговата вистинска моќ и веднаш да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешен ден со истиот интензитет како што тоа било во минатото. Ова се 12 некрстени денови каде за време на обредот се е дозволено дури и „безобразлуци“, половиот акт претставува желба  новата и млада година да биде плодна, сподели Крстевски. Тој нагласи дека џоломарите од етничкиот предел „Тиквеш” и нивниот ритуал, заедно со цврстите закони на маскирање во кои нема никакви импровизации, се во својата изворна форма, опстојуваат со векови, при што ништо не смее да се менува во традицијата на џоломарската игра. Светлана Дарудова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан