• среда, 13 ноември 2024

Џолев: Требало да се внимава на тајмингот за измените во КЗ

Џолев: Требало да се внимава на тајмингот за измените во КЗ

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Она што како фела го анализираме е дека требало да се внимава на тајмингот кога тие измени требало да се одлучат. Дали е вистинскиот тајминг, не знам. Меѓутоа тајмингот за многу работи е важен, во спротивно може да бидат контрапродуктивни, изјави претседателот на Основен кривичен суд – Скопје, Иван Џолев, во врска со измените на Кривичниот законик.

На денешниот брифинг со новинари, Џолев посочи дека имало многу застарени предмети кои беа во финална фаза.

- Ако станува збор за усогласување со ЕУ, тогаш многу е битен тајмингот. Во случајов имаше многу застарени предмети кои беа во финална фаза, дали требаше да се почека, не знам, рече тој.

Според  Џолев, единствена придобивка од измените на Кривичниот законик, а се во правец на забрзување на постапките, е што ќе се смени стварноста надлежност.

- Од пет член совет, сега ќе постапува судија поединец, што прилично ќе ја олесни работата на судот, бидејќи самиот судија ќе може да даде поголема динамика, да закаже повеќе рочишта. Нема да мора дополнително да се организира, да обезбедува судии поротници и други судии, рече тој.

Според статистиката извадена од АКМИС за сите активни предмети по став 3 и 5 од членот 353 – „злоупотреба на службената положба и овластување“, која ја соопштија од Кривичен на денешниот брифинг, има 36 предмети за 197 лица, а колку од нив ќе застарат зависи од преквалификацијата што треба да ја направи обвинителот.

- За тие предмети, зависно од предлогот на обвинителот ќе одлучува судијата. Во најголем дел од предметите, освен членот 353, има и други членови, соопштија од судот.

Од сите предмети на СЈО, како што дополнија, вкупно 21, сите кои започнуваат на буквата Т, плус 
„Насилство во Општина Центар“, 3 сѐ уште се судат. 

- Сите други имаат првостепена пресуда, а дел се правосилни, велат од судот.

Дополнуваат дека за ниту еден предмет нема мериторна одлука, туку се враќани на повторно судење и апелираат да се престане да се вперува прстот во судството за тоа што некои од предметите се застарени, бидејќи, според нив, причината не е судството.

- Се манипулира со јавноста дека судските постапки траат од седум до десет години. Предметите на СЈО започнаа на 1.1.2018 година, сега сме октомври 2023, обична математика ако се направи ќе видите дека не станува збор за постапки кои траат од седум до десет години, математиката е пет години, велат од судот.

Според Кривичен, доколку Апелација постапувала мериторно, сега немаше да зборуваме за овие предмети.

- Апелираме за мериторни одлучување на Апелациониот суд, велат оттаму. ар/аа/

ФОТО/МИА 

 

Остани поврзан