• среда, 13 ноември 2024

Џозеф за МИА: Војната во Украина е приоритет на САД и ЕУ, но мора да направат напори и за повлекување на бугарската блокада на Скопје

Џозеф за МИА: Војната во Украина е приоритет на САД и ЕУ, но мора да направат напори и за повлекување на бугарската блокада на Скопје
Вашингтон, 10 април 2020 (МИА) - За улогата на Русија на Балканот и потенцијалот за директен конфликт меѓу неа и НАТО земјите од регионот, како српскиот претседател Александар Вучиќ изгуби гласови од проруските партии и колку е „смешна“ употребата на буквата Z, меѓу останатото говори предавачот и виш соработник во Школата за напредни и меѓународни студии при универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, Едвард Џозеф во разговор со дописникот на МИА од Вашингтон. Џозеф, кој има служено за неколку администрации на САД на позиции поврзани со балканските и источноевропските земји и важи за одличен познавач на регионот, смета дека „импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја изгледа дека е поттикнат пред сѐ од самата Бугарија и до некаде е сличен на ароганцијата на Русија кон Украина и украинскиот идентитет“. - Ние треба токму тоа да го изучуваме - какви се сличностите меѓу руските ставови кон украинскиот идентитет, српските ставови кон црногорскиот и бугарскиот ставови кон македонскиот идентитет. Во секој од случаите поголема, помоќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и идентитетот, изјави Џозеф. Во врска со тоа дали наскоро се очекува повлекување на бугарското вето за пристапните преговори на земјава со ЕУ, а со тоа процесот е застанат и за Албанија, Џозеф вели дека не сака да се става во улога на пророк. - Не сакам предвидувања. Со војната САД и ЕУ треба да станат посериозни во однос на тоа што се дозволува постоење на такво неоправедно и деструктивно вето. Бугарија го негира напредувањето во ЕУ, како на Северна Македонија, така и на Албанија, нешто кое Скопје и Тирана заслужено го заработија, изјави Џозеф. Во врска со изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека руски агенти играат улога во поткопување на напорите да се дојде до договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, Џозеф вели дека „секогаш е тешко да се докаже лошото“. - Русија се обиде да ги опструира преговорите меѓу Грција и Северна Македонија, Русија се мешаше во Црна Гора и дури се обиде да направи пуч таму. Русија е длабоко инволвирана со Милорад Додик и промовира опструкција и нарушено фукцинирање на Босна и Херцеговина. Руската деструктивна улога е очигледна и во Косово. Рускиот амбасадор дури дојде припомош во разгорување на кризата таму лани во септември, на границата со Србија, веки Џозеф. Тој смета дека сега во услови на војна „прашање е дали САД и ЕУ ќе дадат повеќе внимание и енергија Софија да ја подигне блокадата“. - Со војната во Украина, Бугарија стана фронтова држава со оглед на бугарскиот црноморски брег. Покрај тоа, имаме етнички Бугари во Украина, проруски конци се влечат во Софија, како што се виде со поранешниот министер за одбрана (Каракачанов)м кој повикуваше на „неутралност“ во однос на руската инвазија. Добро е што замина од службата, рече Џозеф. Според него, иако војната во Украина е над сите приоритети на САД и ЕУ, мора да се направат напори да се надмине блокадата на Софија. На прашање од МИА дали гледа опасност од прелавање на војната од Украина во поширокиот регион Џозеф одговори дека тоа веќе се случува. - Веќе постои прелевање со тоа што милиони бегалци од Украина ги преминаа границите на соседните земји. По сѐ изгледа ова е дел од стратегијата на Русија, исто како што беше стратегија на Србија во 1999 година, кога стотици илјади косовски бегалци беа протерани главно во тогашна Македонија и во Албанија, рече тој. Според него, голем потенцијал за директен ангажман на Русија со земјите од НАТО постои во Полска, која е главен транзит на оружјето наменето за Украина за одбрана од руската агресија. - Постои потенцијал Романија да биде директно инволвирана против Русија, ако Москва направи нешто во Молдавија, земја која е веќе поделена со помош на руски трупи. Очигледно, има потенцијал за дестабилизација во Босна и Херцеговина и Косово директно инспирирана од Русите, а со поддршка на српските лидери. Ова секако е политички ризик за секој српски лидер кој би учествувал во такво нешто, дали Додик или Вучиќ, додава Џозеф. Во врска со неодамнешните изборни победи на претседателот Александар Вучиќ во Србија и премиерот Виктор Орбан во Унгарија, Џозеф се согласува дека тие победи се должеа, меѓудругото, и на антизападната реторика што се водеше во двете земји во предизборниот период. - Но, јас би додал (се водеше) и пропутинска реторика, посебно во Србија. Изгледа дека претседателот Александар Вучиќ, иако задоволен од својот реизбор, нејверојатно е разочаран од загубата на гласови на неговата партија СНС, во полза на „проруските“ партии, рече Џозеф. Според него, провладините медиуми во Србија им даваат на српските граѓани лажна перспектива за војната во Украина, со отворена пропаганда против оваа земја, жртва на агресијата на Русија. - Морам да кажам во сите години што сум работел на Балканот, ова е еден од најсрамните постапки досега. Обично, за време на војна, пропагандата ја поддржува машинеријата на земјите директно вклучени во борбите, таа е подла пропаганда, но тоа е разбирливо. Овде гледам нешто сосем ново, оваа војна е избор на Русија, избор на Путин, не е војна на Србија или на Северна Македонија или пак на Грција или на Бугарија или на некоја друга земја од регионот, вели Џозеф. Според него, за разлика од многу други конфликти чии воведи најчесто се состојат од сложени настани, конфликтот во Украина е најобична агресија излезена од учебниците. - Навистина сум шокиран кога слушам дека некои од Северна Македонија даваат поддршка на Русија во ова. Едноставно, не постои каква било основа за тоа што таа го прави. Дали луѓето се слепи што се прави во Мариупол. ? Дали тие не ја разбираат тапата, подла, примитивна природа просто да се фрлаат гранати врз цивили - на железнички станици, врз театар каде беа сместени деца, дури и врз породилен дом. Кој Македонец може ова да го поддржи?, прашува Џозеф. Тој истакна дека егзекуициите на стотици цивили во Буча, предградие на Киев, е докажано од „премногу меѓународни новинари и останати набљудувачи од таму за ова да се гледа како исцениран настан“. - Тоа е невозможно да се исценира. Жално е ако Македонците и сите други во регионот не се трогнати од бруталнста. А што со крајната некомпетентност на руската армија? Кој може да се восхитува на таа група аматери? Поседуваат едни од најголемите резерви на гориво во светот, а не можат да ги снабдат своите војнци преку границата, додава експертот. Џозеф укажа и на „смешната употреба на буквата Z за брендирање на војната“. Тој истакнува дека Русија инсистира оти води некакви „сесловенски“ напори во Украина, но оваа буква е латинска, не е ни кирилична. - Очигледно, оваа пропаганда беше уфрлена од очај, просто се зеде Z, бидејќи руската армија ги фарбаше возилата со таа буква како маркер, смета Џозеф. После ова, според него, кој би можел да гледа во Владмир Путин „силен лидер“. - Ги повикувам сите Македонци, од сите националности, да гледаат во оваа руска инвазија на тоа што е – гола, брутална агресија. Ги замолувам сите Македонци да застанат зад Украина, порача Џозеф. Борис Камчев

Остани поврзан