• сабота, 21 декември 2024

Џејми Ли Кертис раскажа како му помогнала на Лакит Стенфилд против зависностите

Џејми Ли Кертис раскажа како му помогнала на Лакит Стенфилд против зависностите
Лос Анџелес, 18 март 2022 (МИА) - Лакит Стенфилд и Џејми Ли Кертис, кои заедно глумеа во „Нож в грб“ (Knives Out), веднаш се спријателиле при снимањето на филмот во 2018 година. Првата средба била при пауза за цигара на Стенфилд, а Кертис за „Џи-кју“ раскажува како му објаснила - зошто треба да ја изгаси цигарата. - Мислам, кажав нешто во смисла - „Ти си прекрасен, талентиран, паметен, млад татко со огромни можности пред себе... Немој да го зае**ш тоа со смрт од рак“... А, можеш да го спречиш тоа, раскажува глумицата. Таа одамна отворено зборува за сопствената своја борба со зависноста од алкохол и апчиња против болка. По првата средба, на која и двајцата плачеле, Стенфилд решил да се откаже од својата никотинска навика. Но, тука некаде сфатил и дека има малку преголема страст кон виното... Тоа некако го зацврстило нивното ново пријателство и тие останале во контакт, преку телефонски повици и пораки, па тој на крајот одлучил да отиде и на рехабилитација. - Моето искуство е дека кога се чувствувате осамено, тоа е многу страшно чувство. Значи, она што се обидував да му го кажам беше: „Ти не си сам. И ако можам да бидам извор на утеха или разбирање, тогаш се надевам дека ќе ми дозволиш да го сторам тоа“, се потсетува Кертис. Стенфилд сфатил дека има проблем со алкохолот во 2020 година. Тој појаснува дека проблемот настанува кога зависноста почнува да го контролира човекот и неговите постапки и оти тоа мора да се спречи уште на или дури - пред почетокот на таквите постапки.  си/сд/

Остани поврзан