• недела, 24 ноември 2024

Џенет Јелен ќе ги повика САД и Европа да дејствуваат заедно за користењето на замрзнатите руски средства

Џенет Јелен ќе ги повика САД и Европа да дејствуваат заедно за користењето на замрзнатите руски средства

Вашингтон, 20 мај 2024 (МИА) - Се очекува американската министерка за финансии Џенет Јелен да ги повика Европа и САД да застанат заедно против руската агресија и иранската „поддршка за тероризмот“, вклучително и со изнаоѓање начин за користење на замрзнатите руски суверени средства за помош на Украина. Ова го објавија Ројтерс и Блумберг, повикувајќи се на белешки за говор посветен на трансатлантската унија, што Јелен ќе го одржи утре во Франкфурт, пренесе БТА.

Американската министерка за финансии утре ќе пристигне во Франкфурт за да добие почесен докторат од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент. На настанот се очекува да учествуваат претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард и германскиот министер за финансии Кристијан Линднер.

Во белешките за утрешниот говор на Јелен, објавени денеска, се вели дека поддршката на САД и Европа е суштинска за украинскиот отпор кон руската инвазија.

-И дозволете ми да бидам јасна. Ова е исто така клучно за безбедноста на американскиот и европскиот народ... Ако стоиме настрана додека диктаторите го нарушуваат територијалниот интегритет и го нарушуваат меѓународниот поредок заснован на правила, тие немаат причина да запрат кога ќе ги постигнат своите првични цели, се очекува да рече Јелен.

Таа, исто така, ќе зборува за потребата да се сузбие затајувањето на руските санкции и да и се обезбеди на Украина финансирање за опремување на нејзината војска, финансирање на клучните владини служби и на крајот обнова на постконфликтот.

-Затоа верувам дека е од витално значење и итно колективно да најдеме начин да ја отклучиме вредноста на руските суверени средства заклучени во нашите јурисдикции за доброто на Украина. Ова ќе биде клучна тема за време на состаноците на Г7 оваа недела, се вели во белешките.

Министрите за финансии на Г7 ќе се сретнат во Стреса, Италија, од 23 до 25 мај.

Јелен, исто така, се очекува да каже дека Европа и САД постапиле „одлучно“ за да воведат санкции кон Иран поради неговата „поддршка на тероризмот“ на Блискиот Исток и ширењето на беспилотни летала и ракети користени во конфликтите во Газа и Украина. Тие треба да продолжат на ист начин и во иднина, смета американската министерка за финансии. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан