• четврток, 19 декември 2024

Џафери – Сарацин: Реафирмирана германската поддршка за следниот исчекор во европските интеграции

Џафери – Сарацин: Реафирмирана германската поддршка за следниот исчекор во европските интеграции

Скопје, 18 февруари 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери денеска се сретна со Мануел Сарацин, специјален пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, кој ја реафирмирал германската поддршка за следниот исчекор во европските интеграции, како клучен за граѓаните на Северна Македонија да го осигураат членството во ЕУ во непрекинат процес.

 -Се оцени дека Република Северна Македонија се наоѓа во исклучително важен момент од демократскиот развој, кога треба да спроведе уште едни фер и демократски избори, но и да ги реализира евроинтеграциите. Во таа насока е поздравен ставот на премиерот Џафери и на новиот владин состав за организирање и спроведување изборен процес по европски стандарди и е нагласено дека тоа се очекува да се слушне и види и од сите политички субјекти во изборниот процес, се наведува во соопштението.

Во делот на евроинтеграциите, се потенцирало дека одлуката во Собранието, со којашто би се исполнил единствениот услов од Преговарачката рамка и Северна Македонија би влегла во преговарачкиот процес, е од важност и за стабилноста на целиот Западен Балкан.

Џафери, како што се наведува во соопштението, се заблагодарил на Германија како најголема земја членка на ЕУ и конкретно на личниот и активен ангажман на високиот германски претставник Сарацин за континуираната поддршка на перспективите на Северна Македонија, како и на водечката и одговорна улога во европската иднина на Западен Балкан. свс/ев/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан