• петок, 27 декември 2024

Џафери – Рама: Северна Македонија и Албанија се пример за добрососедство и потребни на Европа 

Џафери – Рама: Северна Македонија и Албанија се пример за добрососедство и потребни на Европа 

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери, попладнево во Минхен се сретнал со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, соопштија од Владата на Република Северна Македонија.
 
На средбата, како што стои во соопштението, биле истакнати одличните билатерални односи и големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Албанија, што е пример за добрососедство во регионот, а со тоа и придонес во стабилноста на Западен Балкан и во Европа.  

Во однос на билатералните релации, било констатирано дека соработката е сеопфатна, има раст во трендот на трговска размена, политичкиот дијалог е редовен и на сите нивоа, а заедничка цел е европската интеграција на двете држави и на регионот.  

- На состанокот се нагласи дека двете држави, со европските политики се потребни на Европа и заслужија да станат полноправни членки на Унијата до 2030 година и дека преговарачкиот процес ќе овозможи ефективни реформски процеси и унапредување на животниот стандард според европскиот, што е очекување на граѓаните. Во таа насока се оцени дека најсериозната политичка потврда од ЕУ за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан, е Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија. И, се истакна определбата за унапредување на капацитетите на економиите, со цел забрзан регионален економски раст и развој, согласно европските стандарди, се додава во соопштението од владиниот прес - центар.

Џафери го потврдил присуството на Конференцијата на високо ниво посветена на Планот за раст на ЕУ, кон крајот на месецов во Тирана, констатирајки дека е уште една можност да се реафирмира посветеноста на регионот кон натамошното јакнење на регионалното поврзување и кон заедничкиот регионален пазар, како предуслов за подготовка за влез во европскиот заеднички пазар. Го потврдил и присуството и на Самитот Југоисточна Европа – Украина, во Тирана, како можност за реафирмација на обединувањето со меѓународната демократска јавност, во одбраната на мирот.

На состанокот, се подвлекува во соопштението, се разговарало и за очекувањата од претстојните претседателски и парламентарни избори во државава, пришто е потенцирана улогата на проeвропските политички субјекти кои ја поставија државата на демократскиот евроатлантски пат и пред коишто е реализацијата на европските перспективи, од значење за сите во Република Северна Македонија, како и за регионот. цр/лв/

Фото и видео: Влада на РСМ

 

Остани поврзан