• среда, 13 ноември 2024

Џафери – Вал: Придонес од сите во фер и демократски избори

Џафери – Вал: Придонес од сите во фер и демократски избори

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА)  - Претстојните редовни претседателски и парламентарни избори биле во фокусот на денешната средба на претседателот на техничката Влада, Талат Џафери со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал.

Како што соопшти владината прес-служба, Џафери ја истакнал неговата недвосмислена определба, преодната Влада што ја предводи, да организира и спроведе мирни, фер и демократски избори, според највисоките европски стандарди.

-Премиерот Џафери потенцираше дека проевропската коалиција, на којашто се темели Владата, е посветена кон европски вредности во политиките во сите области, затоа што суштинска потреба за квалитетот на живот на граѓаните е скорешна интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија, а изборите се дел од тој пат напред. Во таа насока, на состанокот се изрази очекување за придонес од сите политички субјекти и институции, во фер и демократски избори, како и во претходните неколку изборни циклуси и имајќи ги предвид препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, се наведува во соопштението.

Во однос на набљудувачката мисија за претстојните избори, Џафери соопштил дека непосредно пред формалната објава на датумите за претседателските и парламентарните избори, ќе биде доставено и официјално писмо со покана за набљудување на двојните избори, за што Мисија на ОБСЕ/OДИХР веќе беше во Скопје и ја направи потребната проценка.

Џафери потенцирал дека Владата ќе ги преземе сите расположливи активности за да обезбеди фер и демократски избори оваа пролет.

На денешната средба се разговарало и за придонесот на Северна Македонија во регионалната стабилност во специфичниот геополитички контекст, како успешен пример на функционална мултиетничка демократија.

-Се потенцираше дека Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во исклучително тежок глобален контекст, но дека покажа на дело една успешна приказна за соработка и пред сѐ за Северна Македонија која со способноста во предизвикувачки времиња придонесе за ОБСЕ со капацитет за ефективна дипломатија и продуктивен дијалог и одлично се справи со предизвиците. Со тоа, како што се оцени, Република Северна Македонија, се издигна во доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, во промовирањето на мирот и стабилноста во Западен Балкан но и во Европа и светот, се наведува во соопштението.

На состанокот било констатирано дека ОБСЕ има значајна улога во унапредувањето на демократските процеси во земјава и во реформите важни за европскиот пат, што продолжува преку блиската и ефективна соработка. дма/ац/

Фото: Влада

Остани поврзан