• недела, 24 ноември 2024

Џафери - Џаферовиќ: Заедно да работиме уште посилно да се интензивира соработката во сите области

Џафери - Џаферовиќ: Заедно да работиме уште посилно да се интензивира соработката во сите области
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) - Северна Македонија и Босна и Херцеговина се две пријателски земји кои имаат одлични билатерални односи, без отворени прашања, истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на средба со членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, изразувајќи притоа лично уверување дека градењето заемни односи ќе продолжи и во наредниот период. Џафери воедно на Џаферовиќ, како и на сите припадници на бошњачката заедница во земјава, им го честиташе 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците. Како што соопшти Кабинетот на собранискиот претседател, Џафери искажа подготвеност за време на неговиот мандат да ја поттикнува и поддржува парламентарната соработка меѓу двете земји на сите нивоа и во таа насока ја реафирмираше поканата до неговите колеги, претседавачите на Претставничкиот дом и на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, да ја посетат земјава при првата можност. - Претседателот Џафери изрази задоволство од степенот на развој на правата на бошњачката заедница во земјава и значењето на развојот на тие права за сите припадници на немнозинските заедници. Во продолжение на разговорот, тој ја потенцираше важноста и значењето на досега потпишаните спогодби меѓу двете земји. Воедно, изрази поддршка за Босна и Херцеговина на нејзиниот евроинтеграциски пат, информира Кабинетот на собранискиот претседател. Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Џаферовиќ, изрази лично задоволство од денешната посета на нашата земја, особено од можноста да биде повторно во Собранието, кое последен пат го посетил во 2004 година. Како што се наведува во соопштението, Џаферовиќ нагласи дека за него парламентарната дипломатија игра многу значајна улога во односите меѓу државите, затоа што отвора многу врати и гради многу пријателства. - Тој целосно се согласи со претседателот Џафери дека во наредниот период треба сите заедно да работиме уште посилно и да ја интензивираме соработката во сите области, како парламентарната, така и економската соработка, пред се. Џаферовиќ нагласи дека силата на аргументите треба да не водат понатаму и лично е длабоко убеден дека времето на конфликти, војни и етнички чистења е завршено. Што се однесува до правата на бошњачката заедница во Република Северна Македонија, изрази задоволство од цивилизираниот и коректен пристап што како држава го негуваме кон заедниците кои живеат овде, наведува Кабинетот на претседателот на Собранието. На крајот од средбата, двајцата соговорници се согласија дека комуникацијата и соработката, како и досега и во иднина ќе продолжат да се развиваат со несмален интензитет. хс/сп/

Остани поврзан