• четврток, 26 декември 2024

Џафери се сретна со претставници од Институтот за национална историја и од УКИМ

Џафери се сретна со претставници од Институтот за национална историја и од УКИМ
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со претставниците од Институтот за национална историја и претставници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, како активност која е во рамки на научната конференција по повод одбележувањето на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери истакна дека Собранието ги поддржува програмите кои ги одбележуваат значајните настани и истакнатите лица, како што е и ова одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тој потврди дека високо ги цени работата и трудот на научниците, историчарите и професорите кои придонесуваат многу за развојот на интелектот, културата и образованието на едно општество. Претставниците од Институтот за историја и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ истакнаа дека поради пандемијата, но и поради други финансиски тешкотии, во последно време не биле многу во можност да работат во областа на науката и истражувањето и затоа се надеваат дека со активностите во рамките на овој настан ќе бидат во можност да работат заедно во насока на постигнувањето на зацртаните цели. Тие нагласија дека целта на овој настан не е само одбележувањето на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, туку е повеќе од тоа, односно, да се пренесе знаењето за периодот кога живеел Гоце Делчев и кај новите генерации. Претседателот на Собранието Џафери и претставниците од Институтот за национална историја и од УКИМ се согласија дека одбележувањето на овој јубилеј е многу значајно за нашата држава бидејќи идеалите и визиите на Гоце Делчев треба да се дел од секој наш граѓанин, а секој граѓанин треба да се чувствува дел од самостојна, суверена и демократска Република Северна Македонија, земја која споделува и почитува европски вредности. мд/лв/

Остани поврзан