• недела, 24 ноември 2024

Џафери се сретна со европратениците Бутикофер и Стрик

Џафери се сретна со европратениците Бутикофер и Стрик
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска оствари средба со Делегација на групата Зелени/Европска слободна алијанса (ЕФА) од Европскиот парламент во состав - Тинеке Стрик, европратеничка од Холандија и известител во сенка и портпарол за Република Северна Македонија и Рајнхард Бутикофер, европратеник од Германија. Како што соопшти собраниската Прес-служба, Џафери се заблагодари за одличната соработка и континуираната поддршка на Европскиот парламент за нашите евроинтеграции. Од негова страна, посебен акцент беше ставен на макотрпниот пат кој граѓаните и политичарите го поминаа за остварување на двете стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ, од кои едната е веќе реалност, а за втората од јули оваа година конечно влеговме во последната фаза од пристапувањето. - Претседателот Џафери ги информираше соговорниците за активностите на државните институции за поддршка на институциите на Украина и приклучувањето кон санкциите кон Руската Федерација, како и за неговата посета на Украина и средбите со претставниците на државниот врв на земјата, се наведува во соопштението. Стрик го поздрави одржувањето на денешната средба, нагласувајќи дека делегацијата во чиј состав е и самата во повеќе наврати ја посетува Северна Македонија и е нејзин безрезервен пријател и особено се радува за почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Истовремено, таа ја изрази нивната длабока депримираност од загадувањето на евроинтеграцискиот процес со историски и билатерални прашања, посочувајќи дека нивната партија ќе направи сè што е во нивна моќ да го исчисти процесот, бидејќи земјата заслужува еднаков третман и членство согласно Копенхашките критериуми. Нејзиниот колега Бутикофер се интересираше за процесот на уставни измени и за изборниот модел во земјата, чија реформа би овозможила фер услови за помалите политички партии и нивна застапеност во Собранието, се додава во соопштението од собраниската Прес-служба. нд/сп/

Остани поврзан