• недела, 24 ноември 2024

Џафери на средбата со Марин ја потврди подготвеноста на Собранието да го ратификува пристапниот протокол за членство на Финска во НАТО

Џафери на средбата со Марин ја потврди подготвеноста на Собранието да го ратификува пристапниот протокол за членство на Финска во НАТО
Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска, се сретна со премиерката на Република Финска, Сана Марин. Џафери истакна дека Северна Македонија ја цени поддршката на Финска во областа на евроинтеграциите и нејзиниот принцип дека билатералните проблеми со Република Бугарија не треба да бидат пречка за процесот на интеграцијата. Тој истакна дека со Финска споделуваме исти политички определби и имаме многу добри односи, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Потврди дека Северна Македонија ги поддржува аспирациите на Финска за членство во НАТО и ја потврди подготвеноста на Собранието да го ратификува Пристапниот Протокол за членство на Финска во НАТО што е можно поскоро. Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери ја изрази и желбата за унапредување на односите во сите области и изрази спремност за подигнување на парламентарните односи на ниво на претседатели на Парламенти, на пратенички групи и други форми на меѓупарламентарна соработка. Премиерката на Финска изрази задоволство што е во посета на Северна Македонија и ја пофали посветеноста и доследноста на земјата во спроведувањето на реформите и напорите за поскоро започнување на пристапните преговори. Таа ја повтори поддршката на Финска во тој контекст. - Што се однесува до пристапувањето на Финска во НАТО, премиерката Марин го истакна единството на народот и политичките елити на Финска по ова прашање и решеноста на Владата да во преговори со Турција ги отстрани сите пречки за полноправно членство, се вели во соопштението. Таа укажа и на досега успешните односи на Финска со Алијансата и ги наведе војните капацитети на Финска кои ќе придонесат во подигање на одбранбените можности на НАТО во источното крило. На крајот двајцата соговорници ја потврдија спремноста на двете земји кои ги споделуваат истите демократски вредности, да работат заедно во решавањето на актуелните предизвици на континентот и за една подобра иднина. мс/сх/  

Остани поврзан