• недела, 24 ноември 2024

Џафери и Желјазков положија венци на плочите на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”

Џафери и Желјазков положија венци на плочите на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”

Рим, 24 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево  положи цвеќе пред спомен - плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”. Џафери овој чин го направи истовремено со неговиот бугарски колега, претседателот на Парламентот во Софија Росен Желјазков.  

- Во рамките на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј ги поминавме сите процедури што според протоколот требаше да ги поминеме со аудиенцијата кај Папата, следствено и други средби и секако со задоволство направивме обид и успеавме во тој обид заеднички, ние двајцата претседатели на парламентите, претставници на народите на нашите земји да се состанеме и заедно да покажеме уште еднаш дека без оглед на она што се политички и партиски ставови народите си имаат поинакво мислеење по нештата што се заеднички, што се за добробит на граѓаните и на нашите институции. И од таа причина успеавме тоа да го направиме заеднички. Секој на својата табла положивме венец секако покажувајќи уште еднаш дека парламентите се претставници на граѓаните и ние од името на граѓаните тоа го направивме, рече Џафери во кусата изјава.     

Претседателот на бугарскиот Парламент Желјазков рече дека многу се радува што на овој убав празник тој и Џафери успеале заедно да положат венци „на нашите првоучители Кирил и Методиј“. 

-И на тој начин да покажеме како не поврзува минатото и како ќе не поврзува иднината. И тоа беше симболиката на денешниот ден. Се радувам што мојот колега претседателот Џафери многу пријателски и многу срдечно го направи тоа, како и ние, рече Желјазков. 

Џафери ја предводи државно-црковната делегација во Рим во која се и пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јовановска Грујовска и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.

Македонска црковно-државна делегација утрово имаше поклонение на гробот на свети Кирил во Рим, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. 

Претходно денеска во базиликата „Сан Клементе” во Рим се одржа молебен на гробот на Св. Кирил со кој чиноначалстуваше митрополитот европски г. Пимен во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија. 

Исто така државно-црковната делагција имаше аудиенција кај папата Франциск. 

Поклонението на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. дма/ев/

 

Остани поврзан