• среда, 25 декември 2024

Џафери за повикот на Алиу да се одблокираат законите за МИОА: Јас не работам под ултиматуми

Џафери за повикот на Алиу да се одблокираат законите за МИОА: Јас не работам под ултиматуми

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) – Не сум човек, кој работи под ултиматуми, ако некој каже ќе го направам ова, ако постапите вака или онака, изјави на прес-конференција техничкиот премиер Талат Џафери при денешното преземање на функцијата од досегашниот премиер Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања во однос на неодамнешната изјава на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, дека доколку не се одблокира пакетот закони за МИОА, ќе даде оставка. 

-Јас во принцип не работам така, не ми е својствено да прифаќам ултиматум. Секој има своја слобода како ќе цени дека треба да постапи нека постапува, а за последиците нека си мислат субјектите од каде што доаѓаат и од каде што добиле доминација без оглед кој од каде доаѓа. Тоа е ставот. Јас хипотетички нема да зборувам во смисла што ќе се случи и што ако би се случило. Оставам на конкретна состојба како и да се случуваат работите така и да се изнајдат решенијата за надминување на работите, рече Џафери.

Азир Алиу на прес-конференција минаата недела ги повика пратениците да ги разгледаат, како што рече, уште утре сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието. Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои, рече Алиу, се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Посочи дека тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор. нд/ац/

 

Остани поврзан