• среда, 27 ноември 2024

Џафери за набавката на возила на лизинг: Не е новина туку пракса која постои повеќе години, трошоците се многу помали

Џафери за набавката на возила на лизинг: Не е новина туку пракса која постои повеќе години, трошоците се многу помали

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со набавувањето на нови возила на лизинг од страна на Владата, посочи дека не станува збор за новина, туку за пракса која постои повеќе години, при што потенцираше дека трошоците на лизинг се многу помали. Тој вели дека оваа постапка не може да се врзе со предизборниот период, бидејќи станува збор за редовна активност која мора да се спроведе.

-Набавување на нови возила на лизинг не е новина, туку пракса која постои повеќе години и која претпоставувам дека е направена според соодветни анализи од претходниот период. Лизингот е поевтин од купувањето на возила, имајќи во предвид дека за периодот на лизинг, гаранцијата и одржувањето на возилото е на давателот на услугата а не на побарувачот. Во тој контекст, одржувањето би било поскапо доколку овие возила по пет години би останале во користење на институцијата, изјави Џафери.

Прашан зошто се набавуваат нови возила на лизинг во предизборен период, Џафери посочи дека самата постапка зависи од периодот на заменливост и договорот мора да се спроведе.

-Постапката зависи од периодот на заменливост, затоа што претходните договори се врзани или за времетраење или за помината километража. Не може ова да се врзува ова со моментот на изборите, затоа што договорот мора да се спроведе, имајќи во предвид дека тоа е редовна активност, и изборните активности не може да бидат пречка при нивно спроведување, додаде Џафери.бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан