• четврток, 26 декември 2024

Џафери во чест на Свети Кирил и Методиј и патронатот на УКИМ: Упорноста и вербата на просветителите, се патоказ кон напредок

Џафери во чест на Свети Кирил и Методиј и патронатот на УКИМ: Упорноста и вербата на просветителите, се патоказ кон напредок

Скопје, 24 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во името на Владата и во свое име, го честиташе 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Свети Кирили и Методиј“ во Скопје, на ректоката, проф.д-р Биљана Ангелова, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите, на студентите на универзитетот и на граѓаните.

- Во името на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Свети Кирили и Методиј“ во Скопје, на Вас, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите студенти на универзитетот. Денешниот двоен празник, повикува на упорност и верба во науката и во образованието, како стожерни двигатели на развојот на современа и европска држава, каква што сите посакуваме и целиме да биде Република Северна Македонија. Таквата водечка улога во овој процес му доликува на првиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“, еден од столбовите на македонската државност и на вас како продолжувачи, и сегашни и идни наследници, на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј, се вели во честитката од Џафери.

Затоа што, посочува Џафери, како што вели и Свети Климент Охридски за неговите учители „тие со добар подвиг и со цврста вера, минаа како сонце, осветлувајки ги темните места со своите стапки“.

-Не била лесна битката на Браќата Кирил и Методиј, кои во времето кога постоеле само три привилигирани јазици, успеале да го внесат словенскиот јазик на рамнправно рамниште со нив. Со тоа започнува да се развива и современата македонска писменост.  И нивното инспиративно дело е и треба да биде патоказ како може и треба да се работи во остварувањето свети цели. Како генерации на денешнината и посебно последниве неколку години, успеавме во заложбите македонскиот стандарден јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во Европската Унија и се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј како темелници на европскиот интеркултурализам, нагласува Џафери.

На вас е, продолжува во честитката Џафери, со поголеми сили и да продолжите да се вложувате во науката и образованието. Споделувајте го знаењето и бидете гласни и храбри пред политиката, во развојот на научнообразовната дејност и во нејзиното место во општеството, затоа што вашето влијание е потребно во одржувањето на демократските текови на современа и европска Република Северна Македонија.

-Честит и вековит нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје!“,  напиша премиерот Џафери во честитката до ректорката Ангелова. аа/

Фото: Влада

Остани поврзан