• среда, 25 декември 2024

Џафери: Верувам во решение со Бугарија, лично немам проблем со Декларацијата за Гоце Делчев

Џафери: Верувам во решение со Бугарија, лично немам проблем со Декларацијата за Гоце Делчев
Скопје, 16 февруари 2022 (МИА) - Во принцип, меѓународни договори се ратификуваат во Собранието, тоа не е спорно. Но, зависи од видот на договорот. Во зависност од формата и каква ќе биде содржината, така ќе биде и институциналниот однос кон актот, но не можам сега да ценам која форма ќе ја има, рече вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за ТВ 24, одговарајќи на прашање дали Собранието треба да дискутира околу евентуалниот договор со Бугарија. Прашан дали ги знае сите детали од преговорите со Бугарија, Џафери рече дека го знае тоа што треба да го знае. - Тоа е надлежност на Владата да преговара. Јас верувам во преговорите и верувам во соодветно решение. Треба да се вклучиме како Собрание, но во подоцнежна фаза. Сега на Владата е надлежност да ги води преговорите, рече Џафери. Тој смета дека е можно да се постигне договор со Бугарија и вели дека по природа е оптимист. За тоа дали се разговара за јазикот вели „колку што знам не“. Во однос на обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Џафери нагласи дека не постапил антидржавно, туку според процедурата се чека материјалот за Декларацијата за Гоце Делчев да се преведе и да биде доставена до сите пратеници. - На наредна седница, од 1 март ќе биде дополнета и со пристигнатите материјали, а законодавна постапката е кога материјалот ќе се пушти до пратениците. Не може да биде предмет на дневен ред ако не е доставен материјалот, појасни Џафери. Тој не гледа причина зошто на него се префрла одговорноста или вината за, како што кажа, непостапување на некоја од комисиите. - Јас немам обврска на некој да му стојам над глава и да му кажувам што и како да работи. Затоа неделно имам координации, во крајна инстанца претседателите на комсииите се одговорни. Јас мислам соодветно си ја вршам функцијата и водам сметка и за угледот на институцијата, а секој прво себе си да си се преиспитува. Сите политички партии имаат свои претставници пратеници во Собранието, можеле да покренат такво прашање, рече Џафери. Според него, нема ништо спорно во текстот на Декларацијата за Гоце Делчев што опозицијата ја поднесе во Собранието. - Јас содржински прочитав, тоа што е дадено тоа не е декларација туку програма за одбележување со кои институциите се обврзуваат како да ја одбележат 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Јас не можам да влијаам врз содржината и како таква исто така Декларацијата треба да оди на една од комисиите пред да се разгледа во Собранието, рече Џафери додавајќи дека тој лично нема проблем со Декларацијата. мс/са/    

Остани поврзан