• четврток, 19 декември 2024

Џафери: Ако се договориле за одложување на пописот, тоа треба да се преточи во Предлог-закон

Џафери: Ако се договориле за одложување на пописот, тоа треба да се преточи во Предлог-закон
Скопје, 29 март 2021 (МИА) - Одлуката за одложување на пописот не се прави со прес-конференција, туку со Собрание. Вака обично прават лидерите на политичките партии, се договараат, а потоа им излегуваат проблеми. Ако се договориле за одложување, тоа треба да се преточи во Предлог-закон и потоа има парламентарни процедури и за тоа се потребни парламентарни процедури, рече вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21. - Политичките одлуки на политичките субјекти не произведуваат правни ефекти додека не се спроведат неопходните институционални процедури. Не ги слушнав изјавите од денешната средба, бидејќи ја чекам и изјавата од следната средба закажана за во среда со албанската опозиција, затоа што тоа е битно за донесување одлука. Ако сакате сеопфатно донесување на одлуки, тогаш треба да ја чекаме одлуката од таа средба, дополни Џафери. Тој истакна дека е против одложувањето на пописот и смета оти треба да се спроведе според првично предвидениот рок. - Јас сум против одложување на пописот. Ние имавме избори на пикот на пандемијата. Пописот е индивидуален акт, попишувачот оди кај семејството и согласно протоколите прави регистрација, односно попис. Ова е мое мислење и сметам дека нема потреба да се одложи. Сепак, ќе има процедура за ова и ќе видиме како ќе помине. Повикувам на почитување на Закон и на Устав, не е важно дали јас сакам или не, рече Џафери. Тој информира дека најраниот датум за одржување на локалните избори е 3 октомври и крајниот е 17 октомври, посочувајќи дека според Уставот какви било регуларни избори се одржуваат на последните 90 дена од тековниот мандат.фф/лв/  

Остани поврзан