• четврток, 05 март 2026

Ќура со отчет за сработеното, проблемот со водата најголем предизвик 

Ќура со отчет за сработеното, проблемот со водата најголем предизвик 

Струга, 26 февруари 2026 (МИА) - Проблемот со водата за пиење во Струга и околните села е најголемиот предизвик со кој се соочува градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура. Тоа го истакна на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот посочувајќи дека водоснабдувањето на Струга со квалитетна вода било проблем акомулиран со години поради лошо управување. 

- Но, тоа е наша одговорност и не бегаме од неа. Загадувањето било порано, пред една година и пред три години, но сега сум транспарентен и затоа сме тука, ги имаме преземено сите мерки. Со стручни лица продолжуваме да ја утврдуваме причината од каде доаѓа матната вода и ќе излеземе со официјален заклучок, рече Ќура.

Тој забележа дека околу извориштето во „Шум“ нема законски заштитена зона и оти ќе побара од Владата да донесе одлука да се заштити и да се огради физички.

- Имаме стручни лица што веќе работат на терен, ќе знаеме точно од кај доаѓа ова загадување. За жал, истата вода ја користиме и години наназад. Милам дека не е тоа за три месеци дојдено. Вие знаете дека тука е веќе години наназад работено, и со копање, и со непреземените мерки, истакна Ќура.

Водата од струшкиот водовод е забранета за употреба 18 дена, поради голема матност во изворите во „Шум“. Во моментот градскиот водовод е приклучен само на изворите во Белица, кои се со помала издашност и во случај да продолжи матноста од изворот во „Шум“ Ќура најави рестрикции во процесот на водоснабдување.

Тој вети дека Општината во соработка со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе најде начин граѓаните да бидат ослободени од плаќање сметки. 

Откако ја презел функцијата градоначалник нагласи дека се соочил со, како што рече, тешката финансиска реалност во Општината.

- Долгот акумулиран низ годините е многу висок, а точната бројка ќе биде прецизирана по завршување на внатрешната и надворешната финансиска ревизија. Во меѓувреме, внатрешната  ревизија во Општина Струга утврди дека во последните 10 години, од страна на двајцата претходни градоначалници, ненаплатениот општински данок изнесува 7 милиони и 300 илјади евра, истакна Ќура. 

Тој кажа дека била воведена итна буџетска дисциплина, строг надзор врз трошоците и приоритетно сервисирање на обврските. 

- Во рок од три месеци успеавме да го намалиме долгот за околу 250.000 евра. Ги прекинавме непотребните трошоци. Од над 11.000 евра колку што изнесувале трошоците за репрезентација на Рамиз Мерко минатата година – денес таа сума е нула.  Секој трошок е ревидиран, речиси секој договор е анализиран, додаде Ќура.

Во изминатите 100 дена, според него, на терен бил решен проблемот со јавното осветлување, отстранети биле хоризонталните бариери на кејот, со што, како што рече, е олеснето движењето на граѓаните, исчистени се одводните канали, интензивирани биле работите за замена на азбестните цевки и градежните активности во градот...

Меѓу другото Ќура ги спомена и набавката на корпи за отпадоци, камиони за комунален отпад, цистерна за чистење учици,..., а најави дека била подготвена и техничката документација за изградба на нова градинка.

- Се работи со висок интензитет 80 отсто од улицата „Туристичка“ да заврши пред сезоната. Започна изградбата на патот и пешачко-велосипедската патека од АС Камп до Сатеска, спроведен е тендер за улицата „Источено колекторска“ со обезбедени 2,2 милиони евра, во завршна фаза пред имплементација е проектот за атмосферска мрежа на патот кон плажата кај „Еурохотел“ во вредност од половина милион евра, истакна Ќура.

Најави дека деновиве ќе отпочне реализацијата на проектот за изградба на канализација во селото Враништа во вредност од 1,5 милиони евра, како и дека во изработка бил проект за јавно-приватно партнерство за засолниште за бездомни кучиња.

Според него, промената била  видлива и внатре  во институцијата, односно од функционалноста на администрацијата, како и во делот на издавањето одобренија за градба. сс/дма/

Фото МИА

Остани поврзан