• петок, 20 декември 2024

Ќе се реновираат студентските домови, МОН почнува подготвителни активности

Ќе се реновираат студентските домови, МОН почнува подготвителни активности

Скопје, 13 јануари 2023 (МИА) – Министерството за образование и наука почнува подготвителни активности за крупниот инфраструктурен проект кој предвидува целосна обнова на државните студентски домови и нивно трансформирање во енергетски ефикасни објекти.

Реконструкцијата ќе опфати осум објекти во кои, како што велат од МОН,  ќе се обезбедат подобри услови за сместување, престој и удобност во студентските домови, нагласувајќи дека тоа е еден од неговите клучни приоритети.

Реализацијата на проектот за етапно реновирање на студентските домови во државава во ноември ја најави министерот Јетон Шаќири, кој претставувајќи го Акцискиот план соопшти дека таа ќе стартува на почетокот на 2023-та, најпрво со домот  „Стив Наумов“ во Скопје каде што условите се најлоши.

Посочи дека проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка ќе се спроведува во три фази во три години и дека се очекува првата фаза за реновирање на неколку домови да почне во јануари-февруари годинава.

-МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови  во нашата земја. Проектот е вреден 20 милиони евра и ги опфаќа студентските домови: „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Гоце Делчев“, „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“ во Скопје, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“-Битола, „Браќа Миладиновци“-Штип и „Никола Карев“ во Охрид, истакна Шаќири.

Во рамки на првата фаза, од почетокот на 2023 се очекува да стартуваат градежните работи и, според Акцискиот план, во двете наредни години ќе бидат распределени, во втора и трета фаза, студентските домови што ќе бидат реновирани.

Планот за големиот инфраструктурен зафат бил соопштен и на меѓународна конференција за ученичките и студентските домови во Југоисточна Европа, која деновиве  се одржува во Белград и каде што учествува и делегација од МОН.

– Појаснувајќи го начинот на функционирање и финансирање на домовите, претставниците на МОН посочија дека конференцијата е од исклучително значење бидејќи токму на вакви поголеми настани и со учество на претставници на повеќе земји може да се сподели и слушне нечие искуство кое може да помогне во подобро менаџирање на работата на овие установи, наведува МОН.

На конференцијата било посочено и дека Министерството за образование и наука во соработка со здруженија на млади и здружението на ученички и студентски домови работи на подготовка на нов закон за младински стандард со кој, меѓу другото, ќе се реформира начинот на финансирање на ученичките и студентските домови и ќе се подобри стандардот на младите во нашата држава. хс/лв/

Остани поврзан