• петок, 27 декември 2024

Ќе се повтори постапката за конфискација на зградата на ССМ, Трендафилов очекува Врховен да одлучи до 1 Мај

Ќе се повтори постапката за конфискација на зградата на ССМ, Трендафилов очекува Врховен да одлучи до 1 Мај

Скопје, 18 април 2024 (МИА) – Основниот граѓански суд Скопје донел решение за повторување на постапката за конфискација на Работничкиот дом кој со одлука на Врховниот суд треба да му биде одземан на Сојузот на синдикати на Македонија, соопшти денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Решението ќе биде препратено до Врховниот суд, за што Трендафилов очекува брзо постапување по предлогот, бидејќи како што рече, во него се расчистуваат дилемите на судиите за изградбата на зградата на ССМ и се укажува на тоа дека работниците уште во 1947 година имале средства за изградба на Работничкиот дом, обезбедени исклучиво од чланарината, во која државата не учествувала.

– Совесните судијки Анета Бошковска и Елица Крстевска од Врховниот суд, кои имале издвоено мислење во постапката уште при носењето на пресудата на Врховниот суд, ја враќаат довербата во судството и се надеваме дека ваквиот пример ќе го следат тројцата судии кои ја донесоа пресудата на штета на работниците, рече Трендафилов.

Нивните барања се Врховниот суд да даде приоритет на постапката и пред 1 мај да одлучува по предлогот за постапување, како и да донесе пресуда во интерес на Работничкиот дом, која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови или укинување на пресудата на Врховен. Сѐ спротивно, вели Трендафилов, ќе значи радикализација на работниците кои пред 1 мај ќе може да организираат протести.

– Очекуваме правилна и законита пресуда во интерес на работниците и Работничкиот дом, во спротивно по 1 мај нема никакви гаранции за отпочнување на постапки и за други субјекти кои имаат сличен имот стекнат на сличен начин во минатото. Сојузот на синдикатите во Македонија ја користи можноста да ја охрабри претседателката на Врховниот суд да дозволи приоритет на разгледувањето на предметот и на таков начин во најбрзо време до 1 мај овие судии да одлучуваат имајќи во предвид дека одлуката ја донеле пред само шест месеци, рече претседателот на ССМ.

На таков начин, вели Трендафилов, ќе се покаже дека судството може да биде на ниво на задачата и да го почитува Уставот и одлуките на Уставниот суд. Во спротивно, додава дека мерките коишто ќе ги преземе ССМ ќе бидат барање на правдата пред Меѓународниот суд во Стразбур. ра/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан