• сабота, 23 ноември 2024

Ќе се намалува сивата економија преку воведување на меѓународните сметководствени стандарди

Ќе се намалува сивата економија преку воведување на меѓународните сметководствени стандарди

Скопје, 28 март 2024 (МИА) – Со воведувањето на меѓународните сметководствени стандарди за две години од сегашните 35 отсто, сивата економија ќе се намали на сигурни 25 до 22 проценти, бидејќи ќе значат застанување на крајот на нелегалното работење на голем дел од стопанственици и на дел од луѓето од нашата струка која се придружуваше кон нив, истакна Горан Рафајловски, претседател на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, на првиот панел насловен „Патот до членството во Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК)“ во рамките на Првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители што денеска се одржува во Скопје.

На настанот, кој се одвива под мотото „Во бројките веруваме“, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, како и на институции, организации и компании од земјава вклучително и на домашни и меѓународни експерти од областа.

Рафајловски истакна дека веќе се потпишани и ќе бидат објавени меѓународните сметководствени стандарди што, според него, значи дека влегуваме во нова ера, нова примена и нов начин на размислување. Нивното воведување, додаде, ќе значи намалување од 70.000 на 5.000 подносители на даночни пријави до Управата за јавни приходи што ќе значи многу поголем ред и подобра регулатива.

-Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство кое работи по меѓународни стандарди се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата која добива алатка за професионална наплата на даноците, рече Рафајловски.

Тоа, како што кажа, е доволен мотив да се забрза процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во дејноста.

Претседателката на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) Весна Прентоска рече дека главна цел на Институтот е  да постави нови повисоки стандарди на професијата, интегритет и професионализам  кои ќе го зголемат угледот и позицијата на професијата сметководител во општеството и нејзината значајност не само за бизнисот, туку за целото општество.

-За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот на следните генерации кои во оваа дејност гледаат атрактивна и просперитетна професија. Токму оваа конференција е еден од чекорите за остварување на целта, рече Прентоска во поздравниот говор на отворањето на конференција.

На првиот панел, пак, посочи дека како држава заостануваме во однос на регионот на полето на сметководството од нејасни причини.

-Тоа беше мотив плус како Институт практично да ги надоместиме сите години кои сме ги изгубиле. Успеавме да отпочнеме важни процеси кои се во интерес на зајакнување на професијата, но и на доследно спроведување на законските обврски. Сега знаеме кој сме, колку сме и кој се може да поднесува годишни извештаи затоа што тоа е единствен начин да воведеме регулација во професијата и да имаме контрола над сите финансиски текови, рече Прентоска и додаде дека веќе се преведени околу 2.000 страници од меѓународните сметководствени стандарди кои се веќе одобрени од Меѓународната федерација за финансиско известување од Лондон.

Тие, како што кажа, се веќе потпишани и за многу брзо време ќе бидат објавени.

-Како Институт ќе направиме се да ја спремиме подготовката за сметководителите да добијат соодветна наскока за нивна примена, но главната наша цел е членство во ИФАК, меѓународна федерација која има повеќе од 180 земји членки и придружници, рече Прентоска.

Претседателот на Советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во ИФАК, Јелена Мисита посочи дека сите земји во регионот се веќе членки на ИФАК и додаде дека и ние можеме да го направиме тоа.

 -Тој пат не е лесен и има седум стандарди што треба да се постигнат, но носи резултати. Со влегувањето во ИФАК има трансформација на професијата и се отвораат огромни можности. Приклучувањето кон ИФАК им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор  на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност и фокус кон јавниот интерес, рече Мисита.

Членовите на ИФАК, како што кажа, се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој.

-Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во ИФАК покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде кај вас. Тоа е причината зошто приклучувањето кон ИФАК е повеќегодишен процес кој се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни, потенцира Мисита.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој присуствуваше на отворањето на конференцијата, порача дека е постигнат значителен напредок со преводот на меѓународните стандарди за финансиско известување чија имплементација, како што кажа, ќе овозможи зголемување на ефикасноста и конкурентноста на домашните компании, а при тоа ќе им даде можност за соработка со компаниите од регионот. Нивното воведување, додаде, ќе обезбеди конзистентност на финансиските извештаи на домашните компании со оние што се изготвуваат на глобално ниво.

-Одржувањето на овој настан е признание за досегашните резултати кои ги постигнавме во насока на спроведување на одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи кој почна да се применува во 2022 година. Објективното финансиско известување овозможува транспарентност и значи можност за повеќе инвестиции. ИСОС во изминатиот период успеа да ги исполни своите надлежности и обврски, рече Бесими во поздравниот говор на отворањето.

Нагласи дека заклучно со 2023 година има 9.726 регистрирани активни членови на Институтот од кои 1.889 се регистрирани како сметководители, а 8687 како овластен сметководители. Во делот на правните субјекти лиценцирани се вкупно 1651 правно лице, од кои 13 се регистрирани како трговец поединец сметководител, 269 како трговец поединец овластен сметководител, а 1377 како друштва за вршење на сметководствените работи.

Имплементацијата на меѓународните сметководствени стандарди според директорката на УЈП Сања Лукаревска има огромно значење за државата.

-УЈП е најтесно сврзана со сметководителите и сме во секојдневна комуникација. Имплементирањето на меѓународните сметководствени стандарди ќе придонесе за да се продлабочи нашата соработка, а од друга страна да ни олесни и на нас како надлежен орган во делот на детектирањето на се она што значи незаконито работење и во некој сегмент можеби даночно затајување. Ќе придонесе и во делот на работењето на сметководителите, рече Лукаревска на првиот панел и порача дека дигитализацијата на процесите треба да биде приоритет.

Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски, исто така на првиот панел, појасни дека годинава се поднесени 94.555 годишни сметки од кои 79.450 се поднесени електронски што е за 3.000 повеќе од лани. Бројот на сметководители кои ги поднеле годишните сметки, пак, како што кажа, е околу 3.500 од кои 300 се нови, а 800 сметководители кои до лани поднесувале годишни сметки годинава воопшто не поднеле.

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова Штериева, пак, посочи дека дел од банките во земјава кои се членки на странски групации одамна ги применуваат меѓународните сметководствени стандарди, а тоа го прават и другите банки кои не се членки на групации заради соработка со меѓународните институции. На првиот панел им порача на сметководителите при утврдувањето на кредитниот рејтинг на компаниите да не ги исполнуваат „музичките желби“ на менаџерите и на сопствениците на компаниите, туку на веродостоен и соодветен начин да го презентираат се она што е потребно за добивање на кредити.вј/са/

Фото: МИА

Остани поврзан